Зошто е добра физикалната терапија кај бебињата?

Физикалната терапија за бебиња има цел да го подобри физичкиот развој и да обезбеди рехабилитација на бебињата и на децата. Дали третманот е различен од физикалната за возрасни, кои методи се користат, за кои бебиња се препорачува, кога треба да се започне со рехабилитацијата... одговор на овие прашања „Мама не си сама“ побара од м-р Дијана Мариновска, физиотерапевт во клиничката болница „Аџибадем систина“.

  • Физикалната терапија за бебиња, во најголем дел, претставува вежбање преку игра приспособена на потребите на секое бебе одделно, во една весела атмосфера во просторија која е опремена во различни бои, што само по себе причинува сензорна стимулација, како и со играчки кои се соодветни за возраста на бебето и кои се речиси секогаш на под, каде што е безбедно за бебето да се движи и да се развива, објаснува физиотерапевтот.

 

За кои бебиња се препорачува физикална терапија?

Бебињата кои поминале низ тешко породување, а чии мајки имале тешкотии дури и во бременоста; бебињата кои се родени порано, па дури и бебињата кои имаат тешкотии кратко по породувањето се бебиња кои имаат голем ризик од предизвици во невролошкиот развој и кои треба да практикуваат физикална терапија, советува физиотерапевтот Мариновска.

  • Ненапредување на бебето во текот на бременоста, недоволна снабденост со кислород или со хранливи материи, породување кога бебето нема да земе воздух веднаш, породување кога бебето доаѓа на свет предвреме со недосозреани бели дробови и со недосозреани кожа, мозоче и органи за варење на храната; бебе кое подолго престојува во инкубатор, бебе кое е реанимирано, со мала родилна тежина и со крвавење во мозочето; бебе кое доцни во развојот, бебе кое е многу стегнато (згрчено) или многу опуштено и бебе кое ја користи едната страна на телото повеќе од другата се ситуациите кога бебето треба да посетува физикална терапија, потенцира Мариновска.

 

Кога треба да се почне со физикалната терапија?

Според физиотерапевтот Мариновска, физикалната терапија, според потребите на секое бебе, индивидуално ќе треба да започне веднаш по раѓањето или уште додека е тоа во инкубатор. Што е можно порано и додека бебето сѐ уште нема конкретни проблеми, односно превентивна физикална терапија ќе треба да се применува кај сите оние бебиња со предизвици во невролошкиот развој. Се започнува рано и превентивно затоа што овие групи бебиња многу често се соочуваат со проблеми, а физикалната терапија е таа која може рано да интервенира некои од знаците за невроразвојни тешкотии да се намалат, а некои и да исчезнат во целост.

  • Тајната на раната и превентивна физикална терапија е во пластичноста на мозокот која ја користиме, па затоа овие вежби се наречени невроразвојни вежби. Пластичност на мозокот е способноста на мозокот да ја менува својата функција и структура, односно во нашиот случај ако некое мозоче има оштетени клетки од крвавење, кое често се случува кај предвремено родените бебиња, тогаш мозочните клетки кои се здрави може, преку специјални вежби, да ја преземат работата на оштетените клетки. Пластичноста на мозокот е најголема во првата година, а потоа постепено опаѓа. Затоа најголемите резултати во физикалната терапија доаѓаат во првата година, и тоа ако таа почне да се практикува рано, објаснува Мариновска.

Во што се состои третманот?

Многу често физикалната терапија се состои само од следење на развојот на бебето или од советување на родителите како да постапуваат со бебето за да го поттикнат развојот на правилен начин, посочува физиотерапевтот.

  • Физикалната терапија за бебиња е многу различна од физикалната за возрасни според методите што ги користиме, според целите што треба да ги постигнеме и според причините од кои ја почнуваме. Движењето, односно вежбите кои го учат бебето да може да се врти самостојно, да седнува, да лази, да се исправува и да оди, како и масажата како сензомоторна стимулација се заеднички пристапи на кои постојано ги поттикнуваме родителите. Различните методи што ги користиме ќе помогнат кај бебето да се намали хипертонусот или да се интервенира кај хипотонус, спазам; да се научи движењата што се патолошки да се изведуваат на правилен начин, а примитивните рефлекси кои се задржани како патолошки да се интегрираат во движења. Во првата година, кога развојот на бебето е најинтензивен, вежбите и сензомоторната стимулација најмногу го развиваат мозочето на бебето. Секое движење, секој престој во стимулативна средина создава нови нервни врски или ги засилува постојните. Движењето, односно вежбите се главната алатка на физикалната терпија за невроразвојна стимулација кај бебињата, потенцира м-р Дијана Мариновска, физиотерапевт во клиничката болница „Аџибадем систина“.

 

Зошто е важно да го вакцинирате детето?

Имунизацијата претставува едно од најголемите достигнувања во историјата на медицината.

Зошто треба да го масирате вашето бебе?

Масажата на бебињата дава голем број физиолошки, развојни и емоционални придобивки.

Што треба да знаете за предвремено родените деца?

Многу родители не се подготвени за предвремено породување. И тогаш наместо да се радуваат на здравиот плач на бебето кое им ја исполнува куќата

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!