Ротавакцина: безбедна заштита за вашето бебе од сериозни стомачни инфекции

Ротавирусот е еден од најчестите причинители на акутна дијареја кај бебињата и кај малите деца. Оваа инфекција може да предизвика:

  • чести водникави столици,
  • повраќање,
  • висока температура,
  • дехидрација (губење течности).

 

Во некои случаи, особено кај многу мали деца, ротавирусната инфекција може да доведе до потреба од болничко лекување поради сериозна дехидрација. Според Светската здравствена организација (СЗО), речиси секое дете во светот ќе биде заразено со ротавирус барем еднаш до својата 5-та година, освен ако не се вакцинира. За каква вакцина станува збор и што треба да знаат родителите „Мама не си сама“ побара одговори од д-р Сузана Финдаковска, специјалист педијатар во Отсекот за превентивна здравствена заштита на предучилишни деца во Поликлиника „Јане Сандански“ при ЈЗУ Здравствен дом Скопје. Вакцината RotaTeq во нашата држава се применува од 2019 година. Од разбирливи причини, во периодот на епидемија на корона не беа вклучени сите деца во имунизацијата со вакцината RotaTeq. Но денес имунизацијата со вакцината RotaTeq се спроведува успешно и навремено. Тоа особено се однесува на децата чии родители веќе имале искуство со инфекција предизвикана од ротавирусот и се свесни за придобивките од оваа вакцина, вели педијатарот.

Зошто треба да го вакцинирате детето?

Според д-р Финдаковска, вакцината RotaTeq го штити вашето дете од инфекција со ротавирус. Се работи за гастроинтестинална инфекција која се одликува со многубројни, повторувачки повраќања и со обилни, течни столици кои го исцрпуваат детето, кое бргу дехидрира и најчесто завршува на инфузиска терапија во болница. Но, тоа не е сѐ. Ротавирусот е многу агресивен вирус кој ги уништува цревните ресички во кои се наоѓа ензимот одговорен за варење на млекото. Така, детето и натаму има многубројни течни столици, кои кај едно доенче кај кое основна храна е млекото доведуваат до потхранување и до пад на телесната тежина.

Каква вакцина се користи во Македонија?

Педијатарот Финдаковска објаснува дека вакцината која се практикува во нашата држава е петтовалентна, што значи дека содржи пет типа на живи видови на ротавирусот. По давањето на вакцината, имунолошкиот систем на бебето ќе создаде антитела против типовите на ротавирус кои најчесто се јавуваат.

  • Вакцината RotaTeq не заштитува од дијареја и од повраќање предизвикани од други причинители, освен од ротавирусот. Препораката е имунизацијата против ротавирусот да се продолжи со вакцината со која е започната. Во современиот свет на миграции совет плус за родителите е да се информираат која вакцина се употребува во државата во која ќе се преселат, препорачува  докторката.

 

Како и кога се дава вакцината?

Педијатарот Финдаковска објаснува дека вакцината RotaTeq е единствена по неколку работи:

-  Се дава орално (бебето ја пие од туба со единична доза, посебна за секое бебе).

-  Се работи за жива вакцина. Имено, вирусот се излачува преку плунката и изметот на бебето, а тоа може да ги зарази родителите и сите лица во непосредната околина. За да се спречи тоа, доволно е да се спроведуваат вообичаените мерки на хигиена (темелно миење раце), кои секако се рутина во негата и грижата околу доенчето. Посебно внимание да им се обрне на лицата со намален имунитет (бремените жени, лицата кои примаат имуносупресивна терапија, лицата со малигни заболувања). Како и другите вакцини, вакцината RotaTeq не може целосно да ги заштити децата, па затоа треба да се внимава и на контактите со постарите браќа и сестри, кои се веќе вакцинирани.

-  Вакцината RotaTeq се аплицира во три единични дози, за кои производителот поставил возрасна граница, која сите ние – вакциналните тимови, родителите и матичните лекари – ќе се трудиме да ја испочитуваме. Првата доза може да се даде на возраст од шест недели, а најдоцна до дванаесеттата недела од животот. Препораките се сите три дози да бидат дадени до возраст од 20 до 22 недели, а најдоцна до возраст од 32 недели. Овде посебно сакам да нагласам дека вакцината е особено важна за предвремено родените бебиња, кои имаат незрел имун систем, па затоа ги поканувам родителите да дојдат во вакциналните пунктови час поскоро по отпуштањето од родилиште за да се изготви персонализиран план за имунизација на нивното дете – за „Мама не си сама“  советува специјалистот по педијатрија.

Кога треба да се одложи имунизацијата?

Докторката објаснува дека контраиндикациите за давање на вакцината RotaTeq се исти како и за другите вакцини. Доколку вашето дете има тешка инфекција проследена со висока температура, ќе биде неопходно имунизацијата да се одложи до целосно закрепнување на детето. Благите настинки и течењето на носот не се контраиндикации за давање на вакцината. Ова е сѐ со цел имунизацијата да биде комплетирана со трите дози затоа што за вакцината RotaTeq не постои catch up календар како за другите вакцини. Посебни контраиндикации за вакцината RotaTeq се вродените аномалии на гастроинтестиналниот тракт, кои доведуваат до опструкција на цревата, а кои може да бидат и предиспозиција за пролапс. Околу тие состојби потребни се претходна консултација со детски хирург и мислење од него, препорачува д-р Финдаковска.

Дали треба да се дава истовремено со други вакцини?

Вакцината RotaTeq може да се дава истовремено со други препорачани вакцини, што е и целта на современата имунизација – помалку посети на вакциналниот пункт, помалку боцкање на бебето и помалку стрес за родителите, посочува педијатарот.

  • Исто така, не постојат ограничувања на земањето храна и суплементи, вклучувајќи го и мајчиното млеко. Ве молам, предупредете ја сестрата непосредно пред апликацијата на вакцината дека вашето бебе бљуцка или има нагласен физиолошки рефлукс. Во тој случај, подојот пред и по вакцината можеби ќе треба да се одложи, препорачува докторката.

 

Кои се можните несакани ефекти од вакцината?

Според д-р Финдаковска, несаканите дејства од вакцината се многу ретки. Најчесто бебињата многу добро ја поднесуваат вакцината. Можни се течна столица и благи грчеви на стомачето, кои поминуваат спонтано или со доза на пробиотик. Најтешки несакани реакции се алергиската реакција и интусусцепцијата, кои се исклучително ретки.

  • Интусусцепцијата е опструкција на дел од цревото, при што еден сегмент е опфатен од друг соседен дел на цревото, што доведува до пречка во протокот на цревната содржина. Затоа лекарот од вакциналниот пункт секогаш го започнува прегледот со прашањето „како ја поднесе вашето бебе вакцината минатиот пат“. Секоја несакана реакција треба да ја пријавите кај матичниот лекар и кај лекарот во вакциналниот пункт, а, доколку е потребно, таа ќе биде проследена до Националниот центар за фармаковигиланца при Агенцијата за лекови и медицински средства. Со пријавување на несаканите ефекти помагате во обезбедувањето повеќе информации во врска со безбедноста на оваа вакцина, што е и наша обврска. Исто така, ние сме обврзани за правилно чување на вакцините (во фрижидери приклучени на агрегат, со аларм кој детектира отстапување на температурата), како и за транспарентност во однос на производителот и на рокот на траење на вакцината. Сево ова е со една и единствена цел – да ги заштитиме вашите и нашите деца.
Зошто многу новороденчиња добиваат жолтица и кога е опасна?

Неонаталната жолтица, или бебешка жолтица, е состојба која се јавува кај многу новороденчиња, кога кожата и белките на очите добиваат жолта нијанса.

Зошто е важно да го вакцинирате детето?

Имунизацијата претставува едно од најголемите достигнувања во историјата на медицината.

Што треба да знаете за предвремено родените деца?

Многу родители не се подготвени за предвремено породување. И тогаш наместо да се радуваат на здравиот плач на бебето кое им ја исполнува куќата

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!