Кога и како да почнете со храна кај вашето доенче?

Во првите месеци од животот најдобрата и единствена храна за новороденчето е мајчиното млеко. Тоа ги содржи сите хранливи материи што му се потребни за раст и развој. Исто така, му обезбедува заштита од инфекции, ја зајакнува врската со мајката и го поддржува имунитетот. За исхраната кај доенчињата во подоцнежниот период и на која возраст треба да почнат да се воведуваат други намирници „Мама не си сама“ побара одговори од педијатарот д-р Андријана Ставревска.

Доењето не претставува само храна за бебето, туку и чувство на заштитеност, грижа, љубов и континуирана социјална стимулација. Првите 4 месеци бебињата се само на доење или на млечни формули, кои се даваат во одреден временски интервали од 2,5 до 3 часа. За млечните формули многу е важно да се раствораат правилно: во 30 ml се става 1 дозерка од млекото. Кога доенчето ќе наврши 4 месеци, може да се започне со воведување еден оброк наместо еден подој или млечен оброк, вели д-р Ставревска, специјалист по педијатрија.

Кога да започнете со воведувањето храна?

Се започнува со зеленчук или со овошје, советува педијатарот, и споделува шема за исхрана кај доенчињата според навршените месеци:

  • 4. МЕСЕЦ – МОРКОВ, ЈАБОЛКО, БАНАНА, СПАНАЌ, БЛИТВА, ТИКВИЧКА, ОРИЗОВИ И ПЧЕНКАРНИ СНЕГУЛКИ, МАСЛИНОВО МАСЛО НЕКОЛКУ КАПКИ
  • 5. МЕСЕЦ – ПРАСКА, КАЈСИЈА, СЛИВИ, ЦРЕШИ, ДИЊА, ДУЊА, КОМПИР, БРОКУЛА, МЛАДА БОРАНИЈА, КАРФИОЛ, МИСИРКИНО ИЛИ ПИЛЕШКО БЕЛО МЕСО
  • 6. МЕСЕЦ – ЦВЕКЛО, ТИКВА, МЛАДО КРАВЈО СИРЕЊЕ, УРДА, ПУТЕР, ПЧЕНИЧНИ, ЈАЧМЕНОВИ И ’РЖАНИ СНЕГУЛКИ, ГРИЗ, МЛЕЧНА КАША СО БИСКВИТИ, ЛЕБ (ИНТЕГРАЛЕН) И ДВОПЕК, ТЕЛЕШКО МЕСО (ВО 6. МЕСЕЦ СЕ ВКЛУЧУВААТ ДВА ОБРОКА)
  • 7. МЕСЕЦ – ЈОГУРТ, КИСЕЛО МЛЕКО, МЛАД ГРАШОК, РЕПКА, ДОМАТИ, ТЕСТЕНИНИ (МАКАРОНИ, ШПАГЕТИ, ЈУФКИ, ТАРАНА), ЖОЛЧКА ОД ТВРДО ВАРЕНО ЈАЈЦЕ ¼, БИСКВИТИ ЗА ГРИЦКАЊЕ
  • 8. МЕСЕЦ – ПАВЛАКА, ЗЕЛКА, КЕЉ, ПРАЗ, ЈУНЕШКО И ТЕЛЕШКО МЕСО
  • СО 9, 10, 11 НАВРШЕНИ МЕСЕЦИ – КОРНФЛЕКС, МАГДОНОС, ЛУКЧЕ, ЧОКОЛАДА ВО ПРАВ
  • СО НАВРШЕНИ 12 МЕСЕЦИ СЕ ВОВЕДУВААТ ЛЕЌА, ГРАВ, СИНА РИБА, ЦИТРУСНО ОВОШЈЕ, ЈАГОДИ, РИБИЗЛИ, КАПИНИ, МАЛИНИ, БОРОВИНКИ, ТВРДО ВАРЕНА БЕЛКА
  • СО 13 МЕСЕЦИ И НАТАМУ – ТВРДИ И ТОПЕНИ СИРЕЊА, МУСЛИ СО МЕШАНО ОВОШЈЕ, САРДИНА, СВИНСКО МЕСО ВО МАЛИ КОЛИЧИНИ, СУВОМЕСНИ ПРОИЗВОДИ, ВНАТРЕШНИ ОРГАНИ, СОЛ И ЗАЧИНИ ВО СОСЕМА МАЛИ КОЛИЧИНИ

Доктор Ставревска потенцира дека ако мајката дои, треба да продолжи со доењето. Дохраната не треба да се воведува пред навршувањето на 4. месец на доенчето, а најдоцна до 6. месец, бидејќи млекото, без разлика дали е мајчино или млечна формула, не може да ги задоволи прехранбените потреби на детето кое е во раст и развој.

Зошто е важна правилната и здрава исхрана кај доенчето?

Правилната исхрана во првата година е темел за здравјето на детето во иднина, вели педијатарот и посочува дека таа влијае врз:

  • растот и развојот на телото;
  • мозочната функција;
  • формирањето на имунолошкиот систем;
  • навиките кои остануваат и во подоцнежната возраст.

Нездравата или лошо планираната исхрана може да доведат до проблеми со варењето, недостиг на витамини и минерали, прекумерна тежина или до слаба отпорност на инфекции, предупредува д-р Ставревска и додава дека со љубов, внимание и постепеност воведувањето на храната може да биде прекрасен процес и за детето и за родителите. Тоа е првиот чекор кон самостојност, здрави навики и силен организам!

 

 

Зошто треба да го масирате вашето бебе?

Масажата на бебињата дава голем број физиолошки, развојни и емоционални придобивки.

Зошто контактот „кожа на кожа“ е многу важен за бебето?

Истражувањата покажуваат дека бебињата кои растат со контакт кожа на кожа, особено од мајката, се склони да плачат помалку од оние кои се одвоени од своите мајки, посочува докторката.

Која е причината за предвременото породување?

Предвремено родените деца можат да развијат различни компликации поради нецелосниот развој на сите органи.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!