Првите звуци во животот: зошто е важен скринингот на слухот кај бебињата?

Слухот е од клучно значење за правилен развој на говорот, јазикот и комуникацијата кај децата. Затоа, уште во првите денови по раѓањето е важно да се провери дали новороденчето слуша добро. Како изгледа прегледот и зошто е важен ваквиот скрининг, за „Мама не си сама“ објаснува прим. д-р Искра Мартиновска, супспецијалист неонатолог на Одделението за новородени деца во СБГА „Мајка Тереза“ Скопје.

Слухот е еден од основните сетила на човекот. Кај децата тој значително влијае врз развојот на говорот, централниот нервен систем и севкупниот интелектуален развој. Вроденото губење на слухот е најчестата вродена сетилна загуба, а се јавува кај 1 до 2 од 1.000 живородени термински здрави бебиња. Кај новородените со висок ризик таа стапка се зголемува на 2 до 4 на 100 живородени – вели педијатарот.

Кои се причините за вродени оштетувања на слухот?

Доктор Мартиновска посочува дека етиологијата (причините или природата) на вродените оштетувања на слухот може да биде наследна и стекната.

Наследните нарушувања се делат на оние кои се јавуваат во склоп на некој синдром (Treacher-Collins, Crouzon, Apert, Klippel-Feil и кај трисомиите 13, 18, 21) и на изолирани (при некои генетски мутации). Стекнатите најчесто се јавуваат поради пренатални (TORCH) или постнатални инфекции – бактериски менингит или како несакана реакција на некои ототоксични лекови во текот на бременоста – или поради некои антиепилептици, цитостатици, аминогликозиди, ретиноиди итн – објаснува таа.

Зошто е важен раниот скрининг на слухот?

Редукцијата на слухот е невидлива, а новороденото со редукција на слухот не покажува видливи симптоми, потенцира педијатарот.

Истражувањата покажаа дека говорно-јазичниот развој на рано дијагностицираните и рехабилитирани деца со вродено оштетување на слухот е речиси подеднаков со говорот на нивните врсници веќе околу четиригодишна возраст. Поради тоа, во голем број земји е воведен универзален неонатален скрининг на слухот, кој се прави во првите денови по раѓањето, а најдоцна во првиот месец. На овој начин се откриваат децата со сомнеж за оштетување на слухот. Новородените кои нема да го поминат тестот се упатуваат на дополнителни аудиолошки прегледи најдоцна до тримесечна возраст, со кои се потврдува или се исклучува постоењето трајно оштетување на слухот или целосна глувост – потенцира д-р Мартиновска.

Каде и како се прави скринингот?

Педијатарот за „Мама не си сама“ сликовито ја објаснува целата постапка.

Скрининг на слухот се прави во родилиштата, со помош на специјален апарат кој автоматски ги мери отоакустичните емисии. Отоакустичните емисии се акустични (звучни) сигнали со многу низок интензитет, генерирани во внатрешното уво, како дел од нормалната биолошка активност во процесот на слушање. Ако има оштетување на слухот на ниво на внатрешното уво, односно на кохлејата, отоакустичните емисии нема да се регистрираат. Скринингот со методата ОАЕ (OtoAcoustic Emissions) е брз, едноставен, неинвазивен и со висока специфичност и чувствителност. Може да го изведе и медицинска сестра. Апаратот испушта тивки звуци и преку мал микрофон се мери ехото кое се враќа од кохлејата. Се изведува во тивка просторија, без посебна подготовка на новороденото, само да биде мирно (може и да спие). Кај оние кои не го поминале скринингот ОАЕ се препорачува реализација на AABR (Automated Auditory Brainstem Response) или тест за автоматизирани аудитивни одговори на мозочното стебло, кој, исто така, претставува неинвазивна метода со која се одредува функционалниот статус на слушниот нерв и на слушните патишта како одговор на акустичната дразба. Воведувањето универзален неонатален скрининг е многу важен чекор за детектирање редукција на слухот и за идентификување глувост. Навремена идентификација и интервенција значи скрининг да се направи до крајот на првиот месец, дефинитивна дијагноза да се постави до 3-месечна возраст, а да се интервенира веќе на 6-месечна возраст – советува д-р Искра Мартиновска.

 

Кои се придобивките од мајчиното млеко за бебето?

Мајчиното млеко го подобрува имунитетот на детето и ја намалува можноста за развој на болести подоцна во животот – алергии, астма, разни видови инфекции, дијабетес, прекумерна тежина...

Зошто е добра физикалната терапија кај бебињата?

Многу често физикалната терапија се состои само од следење на развојот на бебето или од советување на родителите како да постапуваат со бебето за да го поттикнат развојот на правилен начин.

Какви движења треба да прават бебињата според возраста?

Секое умерено движење на бебето е добро за неговиот развој.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!