Какви движења треба да прават бебињата според возраста?

Секое умерено движење на бебето е добро за неговиот развој. Иако по раѓањето поголемиот дел од времето бебињата спијат, треба да го искористите секој момент и вашето новороденче да го ставате на стомаче, бидејќи така ќе почне да прави движења. Како да го правите тоа и зошто е важно движењето за вашето бебе, стручни совети за „Мама не си сама“ споделува м-р Дијана Мариновска, физиотерапевт во клиничката болница „Аџибадем систина“.

  • Едно бебе кога ќе се роди, поголемиот дел од времето спие. Ако е бебето родено пред терминот (40. недела од бременоста), уште повеќе ќе спие. Така и треба. Бебето бргу се заморува од јадењето и од сите стимули што ги има надвор од мајчината утроба, како што се звуците, различната температура, светлината, пресоблекувањето, контактот со родителите. Иако ова нам не ни изгледа многу заморно, сето тоа за бебето е ново и доволно да го замори. Поради тоа што бебето е кратко време будно, а и многу учи од случувањата, треба да го искористиме времето кога е будно, па како што бебето учи дека кога ќе заплаче, ќе добие јадење или прегратка така треба да научи и да поминува одредено време на стомак за да почне да се стимулира развојот. Позицијата на стомак е клучна за физичкиот и за когнитивниот развој на бебето бидејќи на тој начин тоа ќе почне да прави движења различни за секоја возраст. Позицијата на стомак е корисна уште првиот ден од доаѓањето на свет. Бидејќи некои родители се плашат и мислат дека го форсираат бебето, на некој начин, со таа позиција ќе докажеме дека дури и бебињата кои имале предизвици при раѓањето и кои се во инкубатор се позиционираат на стомак. Но, таа позиција не е само за да се стимулира развојот, туку затоа што им помага на бебињата да се смират, да ги смират коликите (грчевите) и да ја подобрат работата на мешето при варењето на храната. Со тоа не форсираме ништо, туку го оставаме бебето на меше за да се привикнува на позицијата, па по некое време тоа ќе ги има зрелоста и силата, ќе може и ќе сака да ја подигне главата, па и да ја врти на едната и на другата страна. Тоа би требало да се случи веќе во вториот месец. И така започнува физичката активност кај бебињата, која има некаква цел. Ако на секое будење го поставуваме бебето по една минута на меше, нема да имаме бебе кое нема да сака да биде на стомак, посочува Мариновска.

 

Во третиот месец бебињата стануваат љубопитни

Според физиотерапевтот, веќе поголемо бебе подолго време во денот е будно и повеќе се интересира за околината. Тогаш секоја играчка, секоја посилна боја и познатите гласови околу него ќе го предизвикуваат да почне да вежба со рачињата и да се труди да фати веќе во третиот месец.

  • Ќе се подигнува и ќе се врти во четвртиот и во петтиот месец; во шестиот ќе лази; во седмиот ќе седи, ќе се исправува, ќе оди покрај мебел и ќе стои самостојно, а веќе во дванаесеттиот месец ќе оди самостојно. Но дали знаевте колку е важно бебето да ги прави сите овие движења за да го развие мозокот? Развојот на мозокот во првата година се случува, во најголем дел, преку движењата. Така, кога ќе почне да дофаќа играчки, едно бебе треба да процени колку е далеку играчката, дали треба да се сврти по неа, да се протегне и да ја префрли од едната во другата рака за да ја разгледа; кога ќе почне да лази – колку далеку треба да отиде, колку пречки да помине за да дофати играчка и за што да се фати за да се исправи. Со движењата бебето почнува да се снаоѓа во околината и да размислува како да биде побрзо, како да не падне, а ако падне, како да ја заштити главата итн., вели Мариновска.

 

Повивањето го спречува движењето на бебињата

Физиотерапевтот Мариновска објаснува дека бебињата се движат и во стомакот, а кога ќе се родат, движењата продолжуваат како рефлекси (рефлексно клоцање, на пример).

  • Затоа веќе се избегнува повивањето на бебињата, бидејќи со него им се оневозможени движењата на рацете и нозете, или, пак, ставањето ракавички, за да може бебето слободно да се движи и да учи од секое движење и од секој допир. Дозирано и во согласност со возраста на бебето, движењето во надворешниот свет е само продолжување на спонтаните движења кои ги прави бебето во стомакот на мајката. Од првиот ден секое подигнување на бебето и начинот на кој го држиме, го храниме и му менуваме пелена се стимул за движењето кое го учи бебето, а подоцна и го покажува. Дозата во која ќе го правиме ова ни е особено важна затоа што може да се случи и поголемо стимулирање отколку што бебето може да издржи, па потоа ќе имаме едно бебе кое не е заинтересирано, па дури и омалаксано. Затоа консултирајте се со стручно лице, потенцира Мариновска.
Зошто контактот „кожа на кожа“ е многу важен за бебето?

Истражувањата покажуваат дека бебињата кои растат со контакт кожа на кожа, особено од мајката, се склони да плачат помалку од оние кои се одвоени од своите мајки, посочува докторката.

Што треба да знаете за предвремено родените деца?

Многу родители не се подготвени за предвремено породување. И тогаш наместо да се радуваат на здравиот плач на бебето кое им ја исполнува куќата

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!