Апгар-скор: првата и најважна проценка на здравјето на новороденчето

Раѓањето е најважниот животен чин за еден човек. Веднаш по раѓањето лекарите треба да проценат како се приспособува новороденчето на животот надвор од мајчината утроба и дали му е потребна медицинска помош. За оваа намена повеќе од седум децении низ светот се користи Апгар-скорот, едноставен, брз и универзално прифатен метод за проценка на виталноста на новороденчето. Овој систем на оценување го вовел американскиот анестезиолог Вирџинија Апгар во 1953 година и до ден-денес претставува стандардна процедура во сите родилишта, за Мама не си сама објаснува прим. д-р Јадранка Живковиќ, педијатар неонатолог во „Ремедика“.

Кога се одредува Апгар-скорот?

Според неонатологот, Апгар-скорот се проценува:

  • во првата минута по раѓањето;
  • повторно во петтата минута;
  • доколку бебето има ниска почетна оценка, проценката се повторува и во десеттата минута.

Таквите последователни проценки му помагаат на медицинскиот тим да ги следи приспособувањето на новороденчето и, доколку е потребно, ефектот од спроведените реанимациски постапки.

Кои параметри се оценуваат?

Апгар-скорот се базира на проценка на пет витални параметри. Секој од нив се оценува со 0, 1 или со 2 бода, а вкупниот резултат може да изнесува од 0 до 10 бодови, вели д-р Живковиќ и објаснува што се оценува:

  • срцевата акција, односно срцевата фреквенција (пулсот);
  • дишењето – дали бебето дише самостојно и колку е ефикасно дишењето;
  • бојата на кожата – показател за оксигенацијата и за периферната циркулација;
  • рефлексната надразливост – реакцијата на новороденчето при аспирација или при друга стимулација;
  • мускулниот тонус – степенот на активност и движење на екстремитетите.

 

Што значат резултатите?

Апгар-скор 7 – 10

Ова се смета за добра оценка и укажува на тоа дека новороденчето успешно се приспособува на животот надвор од матката. Вообичаено не се потребни посебни реанимациски мерки, освен рутинска нега.

Апгар-скор 4 – 6

Овој резултат означува умерена депресија на виталните функции. На овие новороденчиња може да им бидат потребни одредени мерки од примарната неонатална реанимација и внимателно следење.

Апгар-скор 0 – 3

Ова претставува тешка депресија на виталните функции и бара итна и целосна реанимација од медицинскиот тим.

Зошто е важна проценката во петтата минута?

Во голем број случаи Апгар-оценката во петтата минута е повисока од онаа во првата минута. Тоа најчесто значи дека новороденчето успешно се приспособило по раѓањето или дека преземените реанимациски мерки биле ефикасни.

Истражувањата покажуваат дека Апгар-оценката во петтата минута има подобра поврзаност со натамошниот невролошки развој на детето, отколку оценката добиена веднаш по раѓањето, посочува неонатологот.

 

Дали Апгар-скорот има ограничувања?

Според прим. д-р Живковиќ, иако е исклучително корисен и широко применуван, Апгар-скорот има и одредени ограничувања. Врз резултатот може да влијаат:

  • субјективната проценка на медицинскиот персонал;
  • искуството на лицето што ја врши проценката;
  • неточното време на оценување;
  • ретроспективното оценување, односно проценка откако состојбата на новороденчето веќе се подобрила.

Од овие причини Апгар-скорот не е единствениот показател за здравствената состојба на новороденчето, вели таа.

 

Дали се користат и други методи?

Доколку постои сомнеж за недостиг на кислород или за друга сериозна состојба, лекарите можат да направат и дополнителни испитувања, објаснува неонатологот.

Едно од најважните е одредувањето на ацидобазниот статус, односно анализа на гасовите во крвта земена од папочната врвца. Овој тест дава пообјективни информации за состојбата на новороденчето веднаш по раѓањето. Сепак, и покрај современите дијагностички методи, Апгар-скорот останува универзално прифатен стандард за почетна проценка на новороденчето, но и важен показател за непосредната состојба, потребата од реанимација и за нејзината успешност – вели д-р Живковиќ.

 

Кои новороденчиња се сметаат за ризични?

Според докторката, новороденчињата со Апгар-скор под 7, особено во петтата минута се сметаат за деца со зголемен ризик и имаат потреба од дополнително следење.

Во зависност од нивната состојба, тие се згрижуваат во единици за специјална или за интензивна неонатална нега, каде што се следат виталните функции и се спроведува соодветен третман.

По отпуштањето од родилиштето, кај овие деца најчесто се препорачуваат редовни контроли во специјализирани развојни советувалишта, каде што се следат нивниот раст, психомоторниот развој и достигнувањето на развојните пресвртници во првите години од животот, советува неонатологот Живковиќ.

 

Што треба да знаат родителите?

Важно е да се нагласи дека Апгар-скорот не претставува прогноза за интелектуалниот развој, однесувањето или за идното здравје на детето. Тој е наменет исклучиво за брза проценка на состојбата на новороденчето непосредно по раѓањето и за носење одлука дали е потребна итна медицинска интервенција. Многу бебиња со пониска почетна Апгар-оценка, по соодветната медицинска грижа се развиваат сосема нормално.

Зошто треба да го масирате вашето бебе?

Масажата на бебињата дава голем број физиолошки, развојни и емоционални придобивки.

Што треба да знаете за предвремено родените деца?

Многу родители не се подготвени за предвремено породување. И тогаш наместо да се радуваат на здравиот плач на бебето кое им ја исполнува куќата

Нега на папочето без стрес: сè што треба да знаат родителите

Еден од најважните аспекти на раната нега е грижата за папочето (папочниот остаток), кое по раѓањето претставува потенцијална влезна точка за инфекциите

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!