Ако го ставате бебето на стомак, тоа ќе помогне побргу и подобро да се развие

Да се става бебето на стомак е важно за неговиот развој. Како му помага тоа на вашето дете и кога да го оставате во оваа позиција, за „Мама не си сама“ објаснува физиотерапевтот м-р Дијана Мариновска од клиничката болница „Аџибадем систина“.

  • Советот за позиција на стомак родителите секогаш тешко го прифаќаат. Понекогаш мислат дека нема време за позиционирање затоа што бебето постојано спие; мислат дека бебето се мачи кога е на стомак затоа што плаче; мислат дека тоа не е важно да се направи од почетокот, па така некогаш поминуваат и по неколку месеци. Развојот на бебето е многу интензивен во првата година. Секој месец имаме и по неколку развојни пресвртници и очекуваме бебето да ги совлада. Во првите два месеца помалку, но затоа веќе во третиот месец кај бебето настануваат енормни промени, кои ја определуваат неговата развојна оценка. Првите два месеца, иако помалку интензивни, се многу важни, и тоа во однос на позицијата на стомак. Од позицијата на стомак тргнува развојот на бебето – и физичкиот и когнитивниот развој, вели Мариновска.

 

Ставајте го бебето на стомак уште од првиот ден кога ќе си дојдете дома

Според физиотерапевтот, може да го ставате бебето на стомак уште од првиот ден кога ќе си дојдете од болница.

  • Од првиот ден дома или некогаш чекаме папочето да ни се засуши и до неколку дена, па бебето е поставено на стомак за да се навикнува и да ја прифаќа позицијата. Во тој период, кога е на стомак, бебето си прави масажа на стомачето преку спонтаните движења и на тој начин подобро му се обработува храната, а и ги смирува коликите (грчевите). Иако повозрасните членови на семејството секогаш раскажуваат дека тие своите деца не ги ставале на стомак, многу позиции на држење на бебето што ги практикувале покажуваат дека децата, сепак, биле позиционирани, и тоа сосема правилно. На пример, бебињата ги поставувале напречно на своите колена, додека седеле, па тие си ја вежбале главата, или, пак, ги поставувале на подлактницата за да висат со рачињата и со ножињата. Тоа е познатата тигар-позиција, која е исто ефикасна при колики (грчеви) затоа што родителот со раката го затоплува мешето на бебето, а и контактот со кожата помага тоа да се смири кога е вознемирено, вели Мариновска.

Кога може да го ставате бебето на стомаче?

Бебето, навистина, од почетокот постојано ќе спие, но позицијата на стомаче може да ја практикуваме кога треба да се смени пелена, пред или по бањање, пред хранење... Ако тоа се практикува постојано, едно бебе веќе ќе поминува одредено време на стомак, што ќе помогне, преку спонтаните движења, со текот на времето да развие и намерни движења, за „Мама не си сама посочува физиотерапевтот Мариновска.

  • Со текот на времето бебето ќе може да гледа појасно и на малку поголемо растојание, па ќе проба да ја подигне главата и да се сврти настрана спрема звук или светлина. Ова движење веќе ги зајакнува мускулите на вратот и на грпчето. Потоа, во вториот месец, бебето ќе може да се потпира на подлактницата, па така ќе се развијат мускулите на рацете и на градите. Во третиот месец бебето ќе може да се потпре на лактите, а и да ги фаќа играчките кои се веднаш пред него, па така се развиваат и мускулите на стомакот. Бебето, на овој начин, веќе се здобива со самодоверба дека може да прави нешто самостојно; учи колку далеку се наоѓаат мама, тато или играчката што ја гледа и што ја посакува; учи колку високо се наоѓаат играчките за да може да ги фати; учи за нови текстури и дека рацете може да ги користи за да зграби нешто што сака. Често родителите кои не ја практикуваат позицијата на стомак забележуваат дека нивното бебе има зарамнет череп или сплескано главче, за што единствено решение е бебето да биде на стомак и да внесува витамин Д. Многу е важно да се знае дека со позицијата на стомак и со зајакнувањето на мускулатурата на бебето се намалува ризикот од СИДС (синдром на ненадејна смрт) кај бебињата. Едно бебе кое веќе до третиот месец ја засакало и ја усовршило позицијата на стомак има цврста основа да се развива со зголемен интензитет во следните месеци, односно да се врти, да се подигне од стомак до четвороножна позиција и да лази, да седне самостојно, но и да се исправи, затоа што нема бебе кое се исправило додека лежи на грб без да се сврти на стомак. За оние бебиња кои задоцниле со оваа позиција и кои неутешно плачат, родителите треба да најдат начини со кои ќе го поддржат бебето преку игра, пеење, лежење заедно со него, поставување во тигар-позиција или на колена или, пак, преку ставање на бебето да лежи на градите на родителот додека лежи и тој, советува м-р Мариновска, физиотерапевт.

 

Зошто кај бебињата се јавува воспаление на кожата покриена со пелени?

Воспаление на кожата со црвенило во пределот покриен со пелени се јавува речиси кај секое бебе, дури и при најдобра хигиена и нега.

Што треба да знаете за предвремено родените деца?

Многу родители не се подготвени за предвремено породување. И тогаш наместо да се радуваат на здравиот плач на бебето кое им ја исполнува куќата

Зошто контактот „кожа на кожа“ е многу важен за бебето?

Истражувањата покажуваат дека бебињата кои растат со контакт кожа на кожа, особено од мајката, се склони да плачат помалку од оние кои се одвоени од своите мајки, посочува докторката.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!