Фимоза кај децата: кога е нормално, а кога е време за лекар?

Фимоза е состојба кога кожичката на машкиот полов орган не може да се повлече над главата на пенисот. Иако звучи загрижувачки, во најголем број случаи кај децата неможноста за соголување на главата на пенисот е нормална и привремена состојба, но кога родителите треба да бидат загрижени и да побараат лекарска помош за „Мама не си сама“ објаснува асс. д-р Биљана Андоновска Доковска од ЈЗУ Универзитетска клиника за детска хирургија.

Кај секое машко дете со нормален развој на гениталиите постои препуциум, односно кожичка која целосно ја прекрива главата на пенисот. Вообичаено, кај новородените машки деца препуциумот е долг, со тесен врв и отвор. Се состои од два листа: надворешен и внатрешен. Надворешниот лист е видливиот дел, односно кожниот дел од препуциумот, а внатрешниот лист е интимно прилепен за главата на пенисот поради постоње конатални атхезии. Поради овие атхезии и ретракцијата на препуциумот, односно неговото повлекување и соголување на главата на пенисот е неможно на оваа возраст. Оваа физиолошка неретрактилност на препуциумот е нормална, а неговата примарна улога е заштитна, односно овозможува заштита на главата на пенисот од иритирачкото дејство на урината и на фекалната содржина во пелената, посочува докторката.

На која возраст спонтано се одлепува кожичката на пенисот?

Растот на детето е проследен со раст на пенисот и со истовремено проширување и скратување на препуциумот, а со тоа и со спонтано и постепено одлепување на внатрешниот лист од главата на пенисот. Формирањето на смегма, која е наизглед белузлава масна содржина помеѓу главата на пенисот и внатрешниот лист на препуциумот, помага во спонтаното одлепување на препуциумот, вели д-р Андоновска Доковска.

Вистинска возраст за спонтано одлепување на препуциумот не постои, но се смета дека до три-годишна возраст кај детето постои физиолошка фимоза, при што е важно отворот од уретрата, односно мочоводот да е слободен и видлив. Кај 50 % од момчињата препуциумот целосно спонтано ќе се ретрахира до шестата година, а кај 95 % до почетокот на пубертетот. Родителите треба да знаат дека негата околу гениталната регија на детето подразбира редовни купки и постепено нежно повлекување на препуциумот наназад, без форсирање и насилна манипулација.

Во некои случаи постои отежнато ретрахирање на препуциумот и по третата и четвртата година поради нееластичност на препуциумот и постоење на таканаречен фиброзен прстен. Фимозата е состојба кога ретракцијата на препуциумот е неможна поради постоење фиброзен прстен или лузна на врвот на препуциумот. Форсираната ретракција на препуциумот, односно негово насилно повлекување е причина за појава на ранлива површина (расцепи или рагади) и на последователно создавање фиброзно ткиво, односно зараснување на рагадите со лузни кои се нееластични и кои водат до настанување на цикатрициелна фимоза, вели докторката.

Кои се симптомите за фимоза и најчестите компликации?

Д-р Андоновска Доковска објаснува дека фимозата е причина за појава на симптоми од типот на потешкотии при мокрење, чести инфекции на уринарниот тракт, балонирање на препуциумот за време на мокрење, инфекции на главата на пенисот и/или на препуциумот, како и парафимоза.

Најчеста е појавата на инфекции на препуциумот и/или инфекции на главата на пенисот (баланитис/ баланопоститис). Оваа состојба клинички се манифестира со црвенило, оток, болка, отежнато мокрење, како и капење на гнојна содржина од тесниот отвор на препуциумот. Третманот најчесто е конзервативен и се состои од аплицирање локален антибиотик и топли купки до повлекување на инфекцијата. Повторувачките инфекции најчесто се последица на несоодветна хигиена и на манипулација со препуциумот со нечисти раце, кои се предиспонирачки фактор за настанување на цикатрициелна фимоза.

Ургентна состојба поврзана со неретрактибилен препуциум е парафимозата. Парафимоза е инкарцерација или вклештување на главата на пенисот при обид за повлекување на препуциумот кој е тесен. Клинички се манифестира со изразен оток, болка и со промена на бојата на главата на пенисот која е соголена, а препуциумот е ретрахиран и едематозен и не може да се врати во првобитната положба. Детето треба веднаш да се одведе до најблиската хируршка установа, каде што по прегледот ќе се направи обид за мануелна репозиција на препуциумот. Доколку обидот за мануелна репозиција е неуспешен, тогаш е потребно да се направи итна хируршка интервенција, за „Мама не си сама“ советува асс. д-р Биљана Андоновска Доковска од Клиниката за детска хирургија.

Што е обрежување (циркумцизија) и кога треба да се направи?

Циркумцизија или обрежување е една од најстарите опишани хируршки процедури, а воедно и најчеста елективна хируршка интервенција кај машките деца. Дали да се практикува рутинска циркумцизија кај новороденчињата и доенчињата е контроверзно прашање, притоа имајќи ги предвид културните, етничките и религиозните фактори, посочува докторката.

Два до десет проценти од машките деца кои не се рутински обрежани во новороденечкиот и доенечкиот период ќе побаруваат циркумцизија подоцна во животот, а најчесто поради фимоза. Нерепонирачки препуциум поради постоење фиброзен прстен, како и цикатрициелна фимоза настаната поради рецидивни инфекции и/или поради форсирани ретракции на препуциумот се медицински индикации за елективна циркумцизија, односно обрежување.

Циркумцизијата спаѓа во групата на еднодневни хируршки интервенции. Операцијата најчесто се изведува во општа анестезија, по претходна предоперативна подготовка, лабораториски анализи и анестезиолошки преглед, а кај поголемите деца може да се изведе и во локална или регионална анестезија. Во постоперативниот период извесно е постоење на оток и на болна чувствителност во пределот на постоперативната рана, кои во текот на една седмица се намалуваат со соодветна нега, редовни тоалети и со локална апликација на антибиотска маст по препорака од хирург. Конците што се користат се ресорптивни и паѓаат сами вообичаено две до три недели по операцијата. Детето може да им се врати на вообичаените дневни активности веднаш по напуштањето на болницата, потенцира д-р Андоновска Доковска.

Совет за родителите

Најчесто неможноста за повлекување на кожата и за соголување на главата на машкиот полов орган е сосема нормален дел од растот и развојот на машките деца. Најважно е родителите да се информираат и да не преземаат ништо сами, особено не со насилна манипулација да се обидуваат да ја повлечат кожичката на машкиот полов орган. Со редовни прегледи кај педијатар, следење на неговите совети и со соодветна нега, во поголемиот број случаи доаѓа до спонтано и целосно одлепување на препуциумот, без потреба од хируршка интервенција.

 

 

 

Кога треба да се почне со четкање на забите и да се посети стоматолог?

Кај најголем број бебиња првите запчиња почнуваат да никнуваат на возраст од околу 6-7 месеци.

Како да препознаете дали вашето дете има инфекција на очите (конјунктивит)?

Конјунктивитот или розово око е воспаление на обвивката на окото (конјунктивата) што ја покрива внатрешноста на очните капаци и надворешниот дел на очното јаболко.

Детето ви е бледо и уморно – дали станува збор за анемија

При анемија страдаат сите органи поради недостиг на кислород. Се јавуваат општа слабост, чувство на хроничен замор, намален апетит и вртоглавица.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!