Екранизмот го менува детството: како влијаат екраните врз говорот и комуникацијата кај децата?

Паметните телефони, таблетите и телевизорите станаа дел од секојдневјето уште од најрана возраст, но сè почесто се поставува прашањето какви последици остава прекумерната изложеност на екрани врз детскиот развој. Феноменот познат како екранизам сè повеќе го привлекува вниманието на стручната јавност поради неговото влијание врз говорот, комуникацијата и социјалните вештини кај децата. Во интервју за Мама не си сама, доцент д-р Силвана Филипова, логопед и специјалист по рана интервенција во детството во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација, објаснува кои се најчестите предупредувачки знаци, кога родителите треба да побараат стручна помош и како да воспостават здрава рамнотежа меѓу технологијата и активностите што го поттикнуваат детскиот развој. Таа споделува и практични препораки за зачувување на говорно-јазичниот и комуникацискиот развој во најраните години од животот.

 

Последниве години сè повеќе се зборува за екранизмот. Што претставува точно овој феномен и како влијае прекумерната изложеност на екрани врз развојот на говорот и комуникациските вештини кај малите деца?

Екранизмот претставува прекумерна употреба на телевизори, мобилни телефони, таблети и други електронски уреди со екран. Кога детето поминува многу време пред екран, неговиот мозок постепено се навикнува на брзите и интензивни визуелни и звучни стимулации што ги нудат овие уреди. Поради тоа, детето сè помалку се интересира за игра, разговор и за дружење со луѓето околу себе. Прекумерната изложеност на екраните најпрвин влијае врз социјалната интеракција и комуникацијата. Детето сѐ помалку воспоставува контакт со родителите и со врсниците, а токму преку тие секојдневни интеракции ги учи говорот и јазикот. Кога таквите искуства се намалени, може да дојде до забавен говорно-јазичен развој, тешкотии во комуникацијата, намалено внимание и до прекумерна приврзаност за екраните.

Долготрајната и неконтролирана употреба на екраните може негативно да влијае врз целокупниот развој на детето, особено врз говорот, јазикот, вниманието, учењето и социјалните вештини.

 

Кои се најчестите предупредувачки знаци дека употребата на мобилни телефони, таблети или телевизија почнува негативно да влијае врз говорно-јазичниот развој на детето?

Првиот и најважен предупредувачки знак е намалениот интерес за комуникација со луѓето. Кај децата во првата и во втората година од животот тоа може да се манифестира преку слаб или отсутен контакт со очите, нереагирање на името, недостиг на заедничко внимание и преку намалена желба за споделување емоции, интереси или потреби со родителите.

По втората година особено загрижувачки е застојот во говорно-јазичниот развој. Детето не го зголемува речникот според очекувањата за возраста, користи мал број зборови, ретко иницира комуникација и има тешкотии со разбирањето и изразувањето.

По четвртата година често се забележуваат тешкотии со социјалната комуникација. Детето покажува ограничен интерес за разговори поврзани со семејството, секојдневните настани или со чувствата на другите, а комуникацијата најчесто е насочена кон неговите непосредни желби и интереси. Често е присутна и изразена нетрпеливоста, односно очекувањето желбите веднаш да бидат исполнети.

Играта претставува уште еден важен показател. Родителите често забележуваат дека детето не знае како да започне игра со врсниците, тешко го одржува дружењето или покажува ограничена имагинација и симболична игра.

Дополнителни предупредувачки знаци се сиромашниот речник, тешкотиите во раскажувањето, намалената способност за водење разговор и поголемиот интерес за екрани отколку за комуникација со луѓето од непосредната околина.

Многу родители веруваат дека едукативните видеа и апликации можат да помогнат во учењето нови зборови. Дали дигиталните содржини можат да ја заменат живата комуникација со родителот и каде е границата меѓу корисната и штетната употреба на екраните?

Едукативните видеа и апликации можат да имаат одредена образовна вредност кај децата кои веќе имаат развиени когнитивни, јазични и комуникациски способности да ја разберат и да ја обработат содржината. Меѓутоа, кај помалите деца, особено пред четвртата година, тие не можат да ја заменат живата комуникација со родителите и со социјалната средина.

Во најраната возраст децата не го учат јазикот само преку слушање зборови. Тие го учат и преку директна интеракција, заедничко внимание, имитација, игра, емоции и поврзување на зборовите со реални предмети, луѓе и ситуации. За нив содржините на екраните често претставуваат повеќе брзи слики, звуци и анимации, кои не се доволни за вистинско усвојување и за функционална употреба на јазикот. Дополнително, говорот во многу детски видеа има неприроден ритам, темпо и интонација, што значително се разликува од комуникацијата во реалниот живот. Гледањето исти или слични видеа повеќепати не значи автоматски и учење нови зборови. Детето може да препознае одредени содржини или да повторува делови од нив, но тоа не значи дека ги разбира и ги користи зборовите во секојдневната комуникација. Затоа, дигиталните содржини не можат да ја заменат живата комуникација. Говорот и јазикот најуспешно се развиваат преку разговор, игра, читање приказни, поставување прашања и преку секојдневни интеракции со луѓето од непосредната околина.

Границата меѓу корисната и штетната употреба на екраните не зависи само од времето поминато пред екран, туку и од возраста на детето, неговата развојна зрелост, видот на содржината и од начинот на користење. Кога екраните се користат како дополнителна алатка за учење кај постарите деца и под надзор на возрасен, тие можат да имаат одредена корист. Но кога претставуваат главен извор на забава и секојдневна активност, тие го одземаат времето кое детето би можело да го помине во разговор, креативна игра, движење и дружење со врсниците, активности кои имаат незаменлива улога во говорно-јазичниот, когнитивниот и социјално-емоционалниот развој.

 

Дали во Вашата практика забележувате пораст на бројот на деца со доцнење во говорот поврзан со прекумерната употреба на екрани и кои се најчестите навики во семејството што придонесуваат за овој проблем?

Во мојата клиничка практика секојдневно среќавам деца кои се изложени на мобилни телефони, таблети и телевизија уште од најрана возраст. Денес веќе е реткост да се сретне дете кое воопшто не користи екрани. Кај значителен број од децата со доцнење во говорно-јазичниот развој прекумерната изложеност на екрани е еден од најголемите ризик-фактори што го забавуваат развојот на комуникацијата, вниманието и на социјалната интеракција. Проблемот не е само во екраните, туку во тоа што тие постепено почнуваат да ги заменуваат активностите кои се неопходни за правилен развој на детето. Наместо разговор, заедничка игра, читање приказни, движење и истражување на околината, сè почесто екраните стануваат главен извор на забава, смирување и окупација на детето. Најчести навики во семејството што придонесуваат за овој проблем се користењето екран за смирување на детето кога е вознемирено, за време на оброците, при заспивање или секогаш кога родителите сакаат детето да биде мирно и пасивно. Дополнително, се намалува времето поминато во директна комуникација, заедничка игра и читање книги, а токму овие активности се основа за развој на говорот и јазикот. Со текот на времето екраните почнуваат да ги заменуваат не само играта и комуникацијата, туку и голем дел од реалните животни искуства преку кои детето учи. Затоа, кога зборуваме за влијанието на екраните, не треба да го гледаме само времето поминато пред екран, туку и она што го пропушта детето додека е пред него.

 

Кои конкретни препораки би им ги дале на родителите за да воспостават здрава рамнотежа меѓу користењето на технологијата и активностите што го поттикнуваат развојот на говорот, вниманието и социјалната интеракција кај децата?

Најважната препорака е родителите да не дозволат екраните да станат замена за комуникацијата, играта и за времето поминато со детето. Ниту една апликација, видео или едукативна содржина не може да ги замени разговорот, заедничката игра, читањето приказни и секојдневните животни искуства преку кои децата учат да комуницираат и да го разбираат светот околу себе. Најмалите деца имаат потреба од луѓе, а не од екрани. Потребно е секој ден да им се читаат приказни, да им се поставуваат прашања, да се разговара за настаните од денот, да се играат игри со улоги и да се поттикнува дружење со врсниците. Таквите активности ги развиваат говорот, вниманието, имагинацијата, социјалните вештини и емоционалната зрелост. Исто така, важно е родителите да постават јасни правила за користење на технологијата. Екраните не треба да се користат за време на оброците, пред спиење или како средство за смирување при секоја фрустрација. Детето треба да научи да чека, да се справува со досадата и да пронаоѓа забава во играта и комуникацијата со другите. На крајот, родителите треба да запомнат дека развојот на детето не се поттикнува со најновата апликација или со најскапата играчка, туку со времето што го поминуваат заедно. Најсилен поттик за развој на говорот, вниманието и социјалната интеракција е присутен, заинтересиран и доследен родител кој разговара, игра и учи заедно со своето дете.

 

Доколку родителот забележи дека детето доцни со говорниот развој, кога е вистинското време да побара помош од логопед или од специјалист за рана интервенција?

Најдобриот совет до родителите е да не чекаат. Доколку имаат сомнеж дека говорниот, јазичниот или комуникацискиот развој на детето не се одвива според очекувањата, потребно е што е можно порано да побараат стручно мислење. Подобро е проценката да покаже дека развојот е во рамките на нормалата, отколку да се изгуби драгоцено време чекајќи проблемот сам да се надмине.

Особено е важно да се побара помош доколку детето не воспоставува контакт со очите, не реагира на името, не покажува со прст, не споделува интереси и емоции со другите, не разбира едноставни налози или има значително доцнење во појавата и развојот на говорот. За жал, многу родители сè уште добиваат совети како на пример „ќе проговори кога ќе биде подготвено“, „и татко му доцна проговорил“ или „да почекаме уште малку“. Во пракса, токму тоа чекање е една од најчестите причини поради кои се пропушта најважниот период за интервенција. Раниот детски развој е исклучително динамичен и токму во првите години мозокот има најголем капацитет за учење и за промени. Колку порано се препознаат тешкотиите и се започне со соодветната поддршка толку се поголеми шансите детето да ги развие своите потенцијали, да ги надмине или значително да ги намали развојните тешкотии.

Затоа, мојата препорака до родителите е едноставна: ако сте загрижени, побарајте проценка. Кај говорно-јазичниот развој подобро е да реагираме прерано отколку предоцна, советува доцент д-р Силвана Филипова, логопед, специјалист по рана интервенција во детството во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација и професор на Катедрата за логопедија на Државниот универзитет во Тетово.

Какви компликации можат да предизвикаат вирусните инфекции кај децата?

Голем дел од децата инфекциите ги поминуваат лесно, но кај некои тие можат да предизвикаат и посериозни компликации и децата да завршат во болница.

Зошто малите деца не треба често да користат паметни телефони?

Паметните телефони, телевизијата и таблетите во овој период се пречка за развојот на детето.

Од симптоми до лекување – што треба да знаете за долнореспираторните инфекции кај децата?

Главен симптом на инфекцијата на долниот респираторен тракт е кашлицата, која може да биде напорна како за детето така и за родителите, потенцира педијатарот и ги наведува и другите симптоми.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!