Дали ноќното мокрење е психолошки проблем или дел од нормалниот развој кај некои деца?

Ноќното мокрење кај децата, познато и како енуреза, е многу честа појава во детската возраст, особено кај децата над 5 години. Се јавува кога детето ненамерно мокри во кревет за време на спиењето, иако на таа возраст треба да има развиено контрола над мокрењето. Кои се причините за тоа, како да го надмине детето овој проблем, треба ли родителите да бидат вознемирени и загрижени и кога да побараат лекарска помош за Мама не си сама објаснува доц. д-р Надица Ристоска-Бојковска, детски нефролог во клиничката болница „Аџибадем систина“.

  • Ноќното мокрење е еден од најчестите проблеми во детската возраст. Примарната ноќна енуреза (ПНЕ) е мокрење во кревет за време на спиењето кај здрави деца на возраст од 5 години, па нагоре. Според податоците од светската литература, меѓу децата на 5-годишна возраст секое четврто дете доживува ноќно мокрење. При поаѓање во училиште, секое десетто дете доживува ноќно мокрење, така што на возраст од 10 години 7 % од децата го имаат овој проблем. Во адултната (поголемата) возраст 1-2 % од децата продолжуваат со ноќно мокрење. Од друга страна, секундарна енуреза се јавува по период на сувост подолг од шест месеци, посочува докторката и објаснува дека станува збор за бенигна состојба со ноќно мокрење, како единствен симптом, кое е присутно кај здрави деца над 5-годишна возраст и без присуство на други симптоми. Функцијата на мочниот меур е уредна и секогаш доаѓа до негово целосно празнење без волја на детето, вели д-р Ристоска-Бојковска.

Зошто некои деца мократ во кревет?

Детскиот нефролог Ристоска-Бојковска посочува дека ноќното мокрење е резултат на дисбаланс (нарушување) меѓу капацитетот на детрусорот на мочниот меур за време на ноќта и количината на урина која се создава, што резултира со мокрење за време на длабок сон. Присутна е заблуда дека енурезата е последица на психолошки проблеми или на психичкиот профил на детето. Ако лекувањето не почне навреме, тогаш може да дојде до одредени психолошки, емотивни и социјални проблеми. Социјални последици од ноќното мокрење се изолацијата, стравот од активности, пример спорт, чувството дека детето е различно од другите, како и избегнувањето кампови, училишни екскурзии, пријателства. Дополнително, тие деца поради срам се без можност да зборуваат со некого за проблемот.

Колку деца имаат проблем со ноќно мокрење?

Според д-р Надица Ристоска-Бојковска, ова е многу чест проблем, кој се јавува кај 7 – 15 % од децата на возраст од 7 години. Се јавува двапати почесто кај машките деца во однос со девојчињата, а е трипати позастапен кај децата со АДХД. Се квалификува како еден од најчестите и највознемирувачки детски проблеми. Инциденцата се намалува со годините. Спонтаното излекување е приближно 15 % годишно. Успешниот и навремен третман ја зголемува самодовербата. Според досегашното искуство, најголем број од децата, дури и оние на 5-годишна возраст, се многу добро мотивирани за третманот.

Како се поставува дијагноза за ноќно мокрење?

Ноќната енуреза (ноќното мокрење) треба активно да се бара во склоп на систематските прегледи и при редовните прегледи кај матичните доктори, вели детскиот нефролог Ристоска-Бојковска.

  • Од голема важност е фамилијарната историја за примарна ноќна енуреза (генетски фактори). Ако и кај двајцата родители било присутно ноќно мокрење во детската возраст, тогаш шансите се 75 % и нивното дете да страда од енуреза. Поголем број од децата цврсто спијат и тешко се будат. Во текот на ноќта кај нив има зголемено создавање урина како последица од нарушувањето на ритамот на лачење на еден невропептид – кој се лачи во мозокот и кој на ниво на бубрезите ја регулира количината на создадена урина во сон. Затоа е потребно да се знаат развојните проблеми, дали се присутни некои дневни симптоми, каква е фреквенцијата на мокрење, дали постојат други заболувања или можеби претходен третман. Треба да се направи добар физикален преглед на грбот, нозете и на гениталиите, анализа на урината и ехо-преглед на уринарниот тракт, објаснува докторката за „Мама не си сама“.

Како се лекува ноќното мокрење кај децата?

Родителите на дете кое страда од ноќно мокрење треба да се обратат до педијатар нефролог, со кого ќе разговараат и ќе ги направат потребните испитувања заради утврдување на типот на ноќното мокрење. Оптималното време за започнување со терапија кај децата со енуреза се проценува индивидуално, но лекувањето дава најдобри резултати доколку се започне пред тргнување на детето во училиште. Изборот на терапија кај децата зависи од природата на основното нарушување кое довело до ноќно мокрење. Лекувањето се спроведува под надзор на педијатар нефролог, категорична е д-р Надица Ристоска-Бојковска.

  • Се советуваат родителите да водат дневник за ноќното мокрење, со систем на награда секогаш кога детето ќе се разбуди суво - тренинг на мочниот меур. Кај 70 - 90 % од децата има успех за период од 6 месеци. Лекувањето е медикаментозно, со давање терапија во период од 6 до 12 месеци редовно, секоја вечер. Понекогаш се употребува сензор поврзан со аларм (ѕвоно или вибрација-аларм). Ефект може да се постигне за 2-3 месеци. Потребни се повеќе од 14 континуирани суви ноќи и нема несакани ефекти; обука за употреба, мотивација на детето. Постои и можност за комбинирана терапија лек + аларм, вели детскиот нефролог и советува да се направат промени во животните навики кај детето, кои значат да се намали внесувањето кофеин (топло чоколадо, чоколадно млеко) во вечерните часови, детето да има правилна исхрана и да постои ограничување на течностите пред спиење.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Кога најмногу растат децата?

Едно од најчестите прашања што си го поставуваат родителите е дали нивното дете расте и се развива нормално во согласност со својата возраст.

Зошто малите деца не треба често да користат паметни телефони?

Паметните телефони, телевизијата и таблетите во овој период се пречка за развојот на детето.

Кои се најчестите компликации од воспаление на синусите кај децата?

Оваа состојба најчесто се јавува во зимските месеци или при температурни разлики и не треба да се игнорира честото и долготрајно течење на носот кај детето.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!