Како да му помогнете на детето ако му тече крв од носот?

Крвавење од носот кај децата е честа состојба со која се среќаваат педијатрите во амбулантите и во болниците. Течењето крв од носето предизвикува вознемиреност и плачење кај децата, но и паника кај родителите. Се плашат и едните и другите. Дали стравот е оправдан и зошто доаѓа до крвавење од носот кај малите деца во разговор за „Мама не си сама“ објаснува д-р Веселинка Митровска - Јосифова, специјалист за уво, нос и грло. 

Крвавење од носот или епистакса е состојба при која има мало крвавење од крвните садови на носот или пообилно крвавење, таканаречено во млаз. Крвавењето од носот почесто се јавува кај децата (од 2 до 10 години), но и кај повозрасните (од 50 до 80 години). Предниот дел на носот содржи многу кревки крвни садови кои лесно може да се оштетат. Повеќето крвавења од носот кај децата се јавуваат во оваа област на носот, блиску до ноздрите. Крвавењето од носот може да изгледа страшно, но обично не е сериозен проблем и е честа појава кај децата, вели д-р Митровска - Јосифова.

Крвавењето од носот може да биде предизвикано од многу фактори. Отоларингологот ги посочува најчестите причини за оваа состојба:

  • пресилно дување на носот;
  • повреда на носот;
  • сув воздух;
  • настинки и алергии;
  • туѓо тело (или предмет) во носот.

 

Како да му помогнете на детето кога има крвавење од носот?

Кога ќе забележат крвавење од носот кај детето, доктор Веселинка Митровска - Јосифова ги советува родителите прво да се обидат да го смират детето, потоа да му кажат да го издува носот од ноздрата од која искрвавело, да му ја наведнат главата напред и нежно да ги стиснат ноздрите во времетраење од 5 до 10 мин. Никако да не се легнува детето бидејќи легнувањето само предизвикува слевање на крвта во грлото, проследено со гушење, кашлање и со искашлување, со што уште повеќе се зголемуваат стравот и паниката. Важно е детето да дише преку устата. Да не се ставаат марамчиња или газа во носот на детето. Откако ќе престане крвавењето, да не се трие, чепка или дува носот 2 до 3 дена, објаснува отоларингологот.

 

Кога треба да се одведе детето на лекар при крвавење од носот?

Д-р Веселинка Митровска-Јосифова советува да го одведете детето на лекар во случаи кога:

  • крвавењето од носот не запира;
  • крвавењето се повторува;
  • детето има повреда на носот;
  • крвавењето е обилно;
  • детето се чувствува слабо или има проблеми со дишењето;
  • има предмет (туѓо тело) заглавен во носот.

 

Како да спречите крвавење од носот кај детето?

Специјалистот по ОРЛ дава неколку совети за да се спречи крвавењето од носот: прво, да се избегнува, колку што е можно, чепкањето на носот; да не се дува носот премногу често и дувањето да е нежно кога се прави тоа, особено во зима и за време на сезонските алергии; ако детето зема лекови за настинка, да се следат упатствата што доаѓаат со пакувањето.

 

Медицински третман при крвавење од носот

За „Мама не си сама“ доктор Веска Митровска-Јосифова го објаснува и медицинскиот третман за крвавење од носот.
Прво, му се кажува на детето наjсилно да ја издува содржината на згрутчената крв од носот, а ако не може да го стори тоа, тогаш тоа се прави со помош на инструменти или на аспиратор. Потоа, доколку крвавењето е помалку интензивно, потребно е детето неколкупати интензивно да вдишува на нос, а да издишува на уста, бидејќи на тој начин ладниот воздух ќе ги стегне крвните садови и така може да престане крвавењето. Притисок врз ноздрите може да се изврши со рака или со студено пакување. Доколку крвавењето е сѐ уште присутно, потребно е да се изврши локална анестезија на слузокожата со помош на парче памук натопено во анестетик со неколку капки адреналин, кое се остава неколку минути во носот. Ако крвавењето продолжи, а местото на крвавењето е видливо, се применува хемиска каутеризација (горење) на крвниот сад со сребро нитрат. Во тој случај мора да се постапува многу внимателно за да не се оштети околната слузница при нанесување на хемиското средство. Кога не запира крвавењето на овој начин или ако е интензивно од самиот почеток, ќе се примени предна тампонада на носот. За таа цел се користи специјално подготвена лента од газа (јодоформ - штрајфна). Се внесува така што се распоредува како хармоника во правец напред – назад или горе – долу. Предната тампонада треба да биде доволно цврста за да го запре крвавењето, но да се внимава да не ја повреди мукозната мембрана, посочува специјалистот отоларинголог д-р Веска Митровска - Јосифова.

Кога најмногу растат децата?

Едно од најчестите прашања што си го поставуваат родителите е дали нивното дете расте и се развива нормално во согласност со својата возраст.

Важноста на тоа бебињата и децата да се движат и да поминуваат време надвор

Физичката активност и надворешните активности им помагаат за подобар физички, психички, емоционален и когнитивен развој, но, пред сѐ, се важни за нивното здравје.

Кои се симптомите и како се лекуваат уринарните инфекции кај децата?

Во детската возраст симптомите на уринарна инфекција зависат од јачината на инфекцијата и од возраста на пациентот.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!