Дехидратацијата е една од најчестите состојби во педијатријата и претставува потенцијално сериозен здравствен проблем. Децата, особено новороденчињата и доенчињата, многу побргу губат течности и електролити отколку возрасните. Поради тоа, кај нив дехидратацијата може да се развие за кратко време и да доведе до сериозни компликации доколку не се препознае и не се лекува навреме. За оваа честа состојба кај децата Мама не си сама разговараше со д-р Радица Маџоска, специјалист педијатар во ПЗУ „Д-р Радица Маџоска“.
Што претставува дехидратацијата?
Дехидратацијата е состојба во која организмот губи повеќе течности отколку што внесува. Освен вода, при овие загуби се губат и важни електролити како што се натриумот, калиумот и хлоридите, кои имаат клучна улога во нормалното функционирање на организмот, вели педијатарот.
Најчести причини за дехидратација кај децата
Докторката посочува дека дехидратацијата најчесто настанува поради:
- гастроентеритис (повраќање и дијареја);
- висока телесна температура;
- намалено внесување течности;
- прекумерно потење;
- дијабетес, особено при дијабетична кетоацидоза;
- изгореници;
- сепса.
Видови дехидратација според нивото на натриум во крвта
Еден од најважните показатели при проценка на дехидратацијата е нивото на натриум во крвта, вели д-р Маџоска и објаснува какви видови дехидратација постојат.
Изоосмоларна (изонатремична) дехидратација
- Ова е најчестиот тип на дехидратација. Се карактеризира со еднакво губење на вода и сол, а нивото на натриум во крвта останува во нормални граници (130 – 150 mmol/L).
Најчесто се јавува при:
- повраќање,
- лесна до умерена дијареја,
- прекумерно потење.
Хипоосмоларна (хипонатремична) дехидратација
Кај овој тип се губи повеќе сол отколку вода, поради што нивото на натриум во крвта е под 130 mmol/L.
Најчести причини се:
- гастроентеритис со обилна дијареја;
- бубрежни заболувања;
- ендокрини нарушувања;
- прекумерно губење сол преку потење (висока температура, топлотен удар);
- муковисцидоза (цистична фиброза), при која има зголемени загуби на сол.
Хиперосмоларна (хипернатремична) дехидратација
Кај оваа форма организмот губи повеќе вода отколку сол, а нивото на натриум во крвта е над 150 mmol/L.
Најчесто се среќава кај:
- дијабетес инсипидус,
- дијабетес мелитус,
- други состојби поврзани со значителни загуби на вода.
Овој тип на дехидратација бара особено внимателна корекција бидејќи пребрзата рехидратација може да доведе до мозочен едем и до сериозни невролошки компликации, вклучително и кома, предупредува докторката.

Степени на дехидратација
Во зависност од процентот на изгубена телесна тежина, дехидратацијата се дели на три степени.
1. Блага дехидратација (до 5 % загуба на телесната тежина)
Симптомите вклучуваат:
- лесна жед,
- суви усни,
- нормален пулс,
- нормално мокрење
2. Умерена дехидратација (5 – 10 %)
Карактеристично за неа е следново:
- изразена жед,
- суви слузници,
- вдлабнати очи,
- намалено мокрење,
- забрзан пулс,
- намален тургор на кожата.
3. Тешка дехидратација (над 10 %)
Ова претставува итна медицинска состојба.
Се јавува:
- летаргија или губење на свеста;
- тахикардија (забрзана срцева работа);
- продолжен капиларен рефил (повеќе од 3 секунди);
- студени екстремитети;
- хипотензија (низок крвен притисок);
- длабока метаболна ацидоза.
Како се проценува степенот на дехидратација?
Според д-р Маџоска, најпрецизна клиничка проценка се добива со споредување на моменталната телесна тежина со тежината што ја имало детето кога било здраво. Доколку оваа информација е достапна, загубата на телесната тежина претставува најдобар показател за количината на изгубена течност.
Покрај тоа, лекарот ги проценува и клиничките знаци: изгледот на кожата и на слузниците, пулсот, крвниот притисок и количината на урина.
Лекување на дехидратацијата
Третманот зависи од степенот на дехидратација и од општата состојба на детето, потенцира педијатарот Маџоска и додава дека Светската здравствена организација (СЗО) и Европското здружение за детска гастроентерологија, хепатологија и исхрана (ESPGHAN) препорачуваат два основни пристапи.
- Орална рехидратациска терапија (прв избор)
Оралниот рехидратациски раствор (ОРС) е терапија од прв избор при блага и умерена дехидратација, доколку детето може да внесува течности преку устата.
Препорачани количини се:
- 50 ml/kg во текот на 4 часа при блага дехидратација;
- 75 ml/kg во текот на 4 часа при умерена дехидратација.
Дополнително се даваат:
- 10 ml/kg по секоја епизода на дијареја или повраќање.
Предност на оралната рехидратација е тоа што е безбедна, ефикасна, достапна и што помага да се спречи развојот на метаболна ацидоза.
- Интравенска терапија
Интравенската рехидратација се спроведува исклучиво во болнички услови, а индикации за неа се:
- тешка дехидратација,
- хиповолемичен шок,
- неможност детето да пие течности,
- неконтролирано повраќање.
При хиповолемичен шок најчесто се применува:
- 0,9 % натриум хлорид (физиолошки раствор),
- Ringer Lactate.
Вообичаено, се дава болус од 20 ml/kg во времетраење од околу 20 минути, со повторување доколку е потребно, сè до стабилизација на виталните параметри.
Понатаму, во болнички услови се врши корекција на метаболната ацидоза и на електролитните нарушувања, особено хипокалиемија, како и надоместување на недостигот од течности и на дневните потреби според клиничката состојба на детето, објаснува докторката.
Кога треба родителите веднаш да побараат лекарска помош?
Итна лекарска проценка е потребна ако детето:
- не може да ги задржи течностите поради постојано повраќање;
- мокри многу ретко или воопшто не мокри;
- сонливо е, тешко се буди или е безволно;
- има студени раце и нозе;
- има забрзано дишење или забрзана срцева работа;
- покажува знаци на нарушена свест.
Затоа, педијатарот посочува дека дехидратацијата кај децата е состојба која бара брзо препознавање и навремено лекување. Во најголем број случаи благата и умерената дехидратација успешно се третираат со орални рехидратациски раствори. Сепак, при појава на знаци на тешка дехидратација, неопходна е итна болничка проценка и интравенска терапија за да се спречат сериозни компликации.