Зошто се важни редовните систематски прегледи кај децата од најмала возраст?

Секој родител го сака најдоброто за своето дете – среќно детство, безгрижна игра и, најважно, добро здравје. Една од клучните обврски што ги имаме како родители е да се погрижиме децата да имаат правилен раст и развој пред да тргнат на училиште. Токму затоа систематските прегледи се многу важни, за „Мама не си сама“ советува д-р Сања Цилевска-Младеновска, специјалист педијатар во Центарот за следење на растот и развојот кај децата родени со ризик, Поликлиника „Бит пазар“.

Во првите години од животот децата растат и се развиваат со неверојатна брзина. За да сме сигурни дека тој развој оди во правилна насока, редовните систематски прегледи кај педијатар се од суштинско значење, дури и кога е детето целосно здраво за очите на пошироката околина. Искусен педијатар има око тренирано за препознавање минорни и мајорни нерегуларности, кои препознаени навреме и со преземени дејства можат да ги променат целосниот тек и квалитетот на животот на детето и на семејството вели педијатарот. 

Кога се прават систематските прегледи?

Според д-р Цилевска-Младеновска, во текот на првата година систематските прегледи се прават почесто и на пократки интервали, од 2 до 3 месеци, затоа што токму првата година од животот на бебето е време на големи промени. Од беспомошно новороденче бебето се трансформира во дете што седи, лази, изговара први зборови и започнува да ја истражува околината. Во овој чувствителен период редовните систематски прегледи кај педијатарот се клучни за следење на здравјето, растот и на развојот на бебето.

Таа посочува и на која возраст се препорачуваат систематски прегледи:

-  1 месец

-  3 месеци

-  6 месеци

-  9 месеци

- 12 месеци

- 18 месеци

- 2 години

- 3 години

- 5 години.

Што вклучува еден систематски преглед?

Педијатарот Цилевска-Младеновска објаснува како започнуваат систематските прегледи.

Првиот систематски преглед започнува со разговор во кој внимателно ги распрашувамеродителите за периодот на бременоста, за породувањето и за првите денови на бебето. Дали мајката примала некакви лекови во бременоста, дали бременоста била редовно следена, дали имало евентуални наоди при пренаталните скрининзи и дали имало компликации при породувањето или потоа. Понатаму продолжуваме со прашања поврзани со исхраната и соспиењето на бебето и дали има одредени предизвици со кои се соочуваат во грижата за бебето (периоди на неутешен плач, постојано ноќно хранење, повраќање и сл.). При овој разговор се прави и брза проценка на психолошката и на емотивната состојба на мајката, на односите во семејството и на евентуалната потреба од помош, посочува таа.

Мерење на показателите на раст

Според докторката, растењето е сложен процес кој е важен показател на целокупната здравствена состојба на детето и токму во првата година тој е најинтензивен. Најважни показатели се телесната тежина, како и должината и обемот на главата. Кај бебињата што се родени навреме очекуваме до петтиот месец да ја удвојат, а до крајот на првата година тројно да ја зголемат родилната тежина. Линеарниот раст, односно должината е исто така интензивна, па во текот на првата година бебето расте 20 – 25 сантиметри. Ненапредувањето, изолирано во тежина или и во тежина и должина, побарува детални испитувања,откривање и отстранување на причината со цел обезбедување нормален раст и развој. Редовното следење на обемот на главата е од голема важност затоа што тоа е директен показател за развојот на мозокот и за одредени патолошки состојби, кои, доколку се третираат навремено, имаат добрапрогноза, објаснува педијатарот.

Преглед на сите органски системи – од глава до петици

Доктор Сања Цилевска-Младеновска за „Мама не си сама“ сликовито објаснува како изгледа прегледот во педијатриската ординација.

Кожа – кожата на бебето во првите месеци од животот е физиолошки потенка и сѐ уште ја нема целосната бариерна функција. Најпрвин ја проверуваме бојата на кожата (понекогаш, доколку бебето имало физиолошка жолтица по раѓањето, на првиот преглед може сѐ уште да биде жолто). Секоја жолтица што трае повеќе од две недели кај доносени бебиња, односно повеќе од три кај недоносени се означува како продолжена и треба да се направат дополнителни испитувања. Сепак, најчесто причината е бенигна и бргу поминува, а тоа е, во најголем дел, кај бебињата што се ексклузивно на мајчино млеко. Продолжуваме со проценка на текстурата и на хидрираноста на кожата. Некои деца, особено малите доенчиња, може да имаат сува кожа и/или кожа која е склона на иритации и во тој случај задолжително препорачуваме соодветен начин за нега и за бањање со медицинска козметика. Задолжително нотираме и различни промени на кожата од типот на бебешки акни, разни иритативни или инфективни осипи, пигментни или хипопигментни промени, како и знаци за атопичен и/или за себороичен дерматит.

Глава – освен што го мериме обемот, внимателно ја проверуваме и главата и ги палпираме отворите и спојот меѓу коските. Отворите се значајни затоа што го овозможуваат растот на главата и на мозокот. Големата фонтанела е најголемиот отвор, кој има ромбоидна форма и кој се наоѓа над челото и за кој нормално очекуваме да се затвори меѓу 12. и 18. месец. Прераното или задоцнето затвoрање треба дополнително да се иследи. Малата фонтанела е триаголен отвор кој се наоѓа на задниот дел од главата и најчесто треба да се затвори до третиот месец. Неправилностите во формата се, исто така, многу зачестени последниве години, особено откако почна да се препорачува бебињата во првите месеци да спијат исклучиво на грб. Најчести неправилности се сплесканиот, зарамнет тил или асиметријата на главата поради лежење повеќе на деснa или на левa страна. Важно е да им се препорача на родителите бебето подеднакво да лежи и да се храни и на двете страни и задолжително по првиот месец да поминува време на стомак. Различните промени во нормалниот изглед и во поставеноста на очите, ушите и на носот, особено кога се групирани и со промени во мускулниот тонус и аспект на бебето, можат да ни укажат на постоење одредени генетски заболувања и синдроми.

Вид и слух – одлично е што последниве години постои задолжителен скрининг за слухот кај сите новородени бидејќи во раниот доенечки период не можеме со сигурност да го провериме клинички, иако од првите денови новороденото реагира на звуци, со тоа што одредени звуци, како на пример гласот на родителите или белата бучава, го смируваат, додека, пак, гласни и непријатни звуци можат да го вознемират. Во однос на видот, новороденото уште од првите денови погледот го насочува кон изворот на светлина, а понатаму веќе и кон лица и играчки во контрастни бои. Искривувањето на очите, особено при фокусирање на предмет или на лице, е физиолошка појава во првите месеци и спонтано се коригира.

Усна празнина и нос – тие секогаш се проверуваат поради можноста од постоење одредени аномалии, расцепи, габични инфекции. Затнатото носе е голема грижа за родителите, но е честа и физиолошка појава, особено во првите месеци од животот, и не бара дополнителна терапија, освен повремено механичко отстранување на секретот.

Врат – внимателно ја проверуваме подвижноста на вратот во сите правци и правиме палпација на мускулите и на лимфните јазли. Понекогаш можеме да утврдиме дека е ограничена подвижноста на вратот на лево или на десно или дека бебето ја навалува главата на едната страна. Таа состојба се нарекува тортиколис и може да биде поради родилна повреда или поради долготрајна лоша позиција на лежење, што обично е во комбинација со асиметрија на главата.

Граден кош – некои деформитети на градниот кош како што се испакната или вдлабната градна коска се нотираат уште на првиот систематски преглед и обично се генетски условени. Важно е да се утврди правилно и симетрично движење на градниот кош при дишењето. ’Рбетниот столб кај малите доенчиња го испитуваме додека лежат на стомак со внимателна палпација на прешлените. Кај поголемите деца го изведуваме тестот на наведнување заради процена на постоењето одредени искривувања и деформитети на ’рбетниот стол.

Аускултација – тоа е редовна рутина на секој педијатриски преглед. Се состои од слушање на срцевите тонови над сите 4 точки, како и на дишните звуци од предната и од задната страна на градниот кош. Доколку забележиме постоење на срцев шум, во зависност од интензитетот и од точката на која најинтензивно се слуша, постапуваме понатаму. Кај децата во периодите на интензивен линеарен раст често можеме да слушнеме срцев шум кој на периоди се појавува и се губи, има слаб интензитет и е нормална физиолошка појава, па токму затоа се нарекува невин срцев шум. Поинтензивните и постојани шумови секогаш се упатуваат на натамошни иследувања.

Стомак – со набљудување, со длабока и површна палпација и со аускултација на стомачето се проценуваат присуството на воздух (метеоризам) во цревата, формата и големината на внатрешните органи, постоењето кила (папочна и/или препонска), како и перисталтиката на цревата, а на првите систематски прегледи задолжително се проверува папочната рана и се нотира кога паднало папочето и дали има знаци на инфекција и/или на воспаление.

Генитална регија – од голема важност е прегледот на гениталната регија и кај момчињата и кај девојчињата. Кај момчињата задолжително се проверува дали се спуштени тестисите во скроталните ќеси, а и кај двата пола се бара евентуално постоење на други аномалии, воспаленија, иритации. Присуството на пеленски дерматит е честа појава кај малите бебиња и најчесто со совети за правилна нега и медицинска козметика успешно и бргу се решава.

Екстремитети – тие се набљудуваат и се споредуваат по целата должина поради можноста од постоење одредени деформитети или дефекти, како и прекубројни или споени прсти. Кај малите доенчиња за колковите се прават одредени клинички тестови со цел утврдување ризик од развојна дисплазија или од нестабилност на колковите.

Невролошки статус – проценката на невролошкиот статус кај мало доенче е комплексна и бара големо искуство, стручност и трпение. Започнува со набљудување на однесувањето на доенчето на подлогата, положбата на главата, екстремитетите и на спонтаните движења. Вклучува проценка на активниот и на пасивниот тонус на мускулите, опсегот и симетричноста на тетивните и на примитивните рефлекси, како и постоење на евентуални патолошки рефлекси. Постоењето разлика во тонусот и во рефлексите лево и десно, како и постоењето пресилен или слаб тонус треба да се нотира и да се иследи. Секогаш заедно со невролошкиот статус се проценува и развојот на детето, а за таа цел можат да се користат разни тестови, развојни скали, моторни одредници или црвени знаменца. За да добиеме целосна слика, развојот секогаш се проценува во сите положби на детето (на грб, на стомак, при повлекување за седење и додека го држиме исправено под пазувите). Задолжително се испитуваат сите области на развој и во зависност од возраста на детето имаме различен фокус, па така кај помало доенче секогаш во фокусот ни е грубата моторика (држењето на главата, превртувањето, седењето, проодувањето). Кај поголемо доенче и дете, покрај на грубата моторика, се фокусираме и на фината моторика (развојот на пинцетниот фат, покажувањето со прст итн.), разбирањето на говорот, на социјалната игра, комуникацијата и на говорот со блиските. Кај поголемите предшколски деца секогаш во најголем фокус се говорот и изразувањето, однесувањето со врсниците и со возрасните, како и играта и емоциите. Доколку имаме отстапување во развојните постигнувања надвор од физиолошката рамка, треба веднаш да го испратиме детето на дополнителни иследувања за што порано да се започне со стимулативни техники и третмани. Од големо значење е раната интервенција да започне на што помала возраст за да се искористи периодот на најинтензивно формирање синапси (поврзувања) меѓу клетките на мозокот, чиј интензитет почнува постепено да опаѓа по третата година.

Совети за родителите – на крајот на прегледот секогаш пристапуваме кон давање совети за заштита на здравјето на бебето и на семејството, правилна исхрана, за редовна суплементација со витамин Де, превенција од повреди и од несреќи, како и за техники за стимулација на развојот. Во поново време од исклучителна важност е на секоја посета да зборуваме за значењето на редовната имунизација и да предупредуваме за штетното влијание од долготрајната изложеност на екрани кај децата во развој, посочува д-р Сања Цилевска-Младеновска, специјалист педијатар во Центарот за следење на растот и развојот кај децата родени со ризик, Поликлиника „Бит пазар“.

Зошто многу новороденчиња добиваат жолтица и кога е опасна?

Неонаталната жолтица, или бебешка жолтица, е состојба која се јавува кај многу новороденчиња, кога кожата и белките на очите добиваат жолта нијанса.

Кои се придобивките од мајчиното млеко за бебето?

Мајчиното млеко го подобрува имунитетот на детето и ја намалува можноста за развој на болести подоцна во животот – алергии, астма, разни видови инфекции, дијабетес, прекумерна тежина...

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!