Сè што треба да знаете за ММР-вакцината

Вакцините штитат од сериозни, животозагрозувачки и неретко смртоносни болести. Тие му помагаат на имунолошкиот систем да ги спречи. Повеќето вакцини се даваат во текот на раното детство за да се обезбеди заштита во раните фази од животот кога децата се највулнерабилни. Вакцинирањето не го штити само вашето дете, туку и другите околу него, особено оние што не можат да се вакцинираат од здравствени причини, за „Мама не си сама“ објаснува д-р Ана Урумова Демјански од Отсекот за превентивна здравствена заштита на предучилишни деца во Поликлиника „Јане Сандански“ при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје.                                                            

Поттикнувајќи го имунолошкиот систем преку создавање антитела, вакцините го подготвуваат телото да може да препознае и да се бори со вирусите или со бактериите кога ќе дојде во контакт со нив. Вакцините содржат само мртви или атенуирани (ослабнати) вируси или бактерии, па така тие не можат да предизвикаат болест и не го изложуваат детето на ризик од компликации – вели докторката.

 

Сите вакцини се безбедни и ефикасни!

Сите редовни вакцини за деца се безбедни и ефикасни, вклучувајќи ја и вакцината ММР, која обезбедува квалитетна заштита од вирусите на морбили, заушки и рубела, посочува докторката од вакциналниот пункт.

  • Во светот започнува да се аплицира уште во далечната 1963 година како поединечни вакцини против морбили, заушки и рубела, а веќе во 1971 година Морис Ралф Хилеман, кој се смета за татко на модерните вакцини, ја развива првата тровалентна комбинирана ММР-вакцина. Тој бил водечки американски микробиолог вакцинолог, кој развил повеќе од 40 вакцини и со тоа спасил повеќе животи од кој било друг научник во 20-тиот век. Пред да се започне со имунизација, годишно имало по 2,6 милиони смртни случаи како резултат на морбили.

 

Болести од кои штити ММР-вакцината

ММР-вакцината е комбинирана вакцина која штити од три сериозни заразни болести:

- Малите сипаници (морбилите) кои претставуваат едно од најконтагиозните вирусни заболувања, кое може да заврши со тешки компликации (пневмонија, менингитис), како и со смрт кај децата и возрасните.

- Рубелата е, исто така, вирусна инфекција која предизвикува осип, треска и оток на лимфните жлезди. Сериозни компликации и малформации се јавуваат кај плодот ако бремената жена се зарази, особено во првите три месеци од бременоста.

- Паротитот или заушките се карактеризираат со треска, главоболка, оток на паротидните жлезди, како и со посериозни компликации (менингитис, енцефалитис, губење на слухот и воспаление на тестисите, кое доведува до стерилитет), објаснува докторката.

Примена и дозирање на ММР-вакцината

Најдобра превенција и минимизирање на сериозните секвели од овие вирусни заболувања се постигнуваат со интрамускулна апликација на две дози ММР-вакцина, потенцира д-р Урумова Демјански.

  • Првата доза се дава на 12-месечна возраст, додека, пак, ревакцината на 6 години со започнување на образованието. Детето треба да е здраво, во добра општа состојба, претходно прегледано од доктор во вакциналниот пункт, со добро земена анамнеза за актуелните и за минатите заболувања (алергија, крвни нарушувања), како и за актуелната терапија која ја прима детето. Вакцината се евидентира во вакциналниот картон и во документите на пациентот заедно со серијата и со рокот на траење на вакцината – објаснува таа за „Мама не си сама“.

 

Безбедност и несакани реакции

Според докторката, повеќето деца немаат несакани реакции, а, пак, кај оние кои имаат тоа се најчесто болка во раката, треска, температура и лесен осип по тело, кој, генерално, се повлекува спонтано. Поретко се јавуваат оток на жлездите на вратот и тромбоцитопенија, кои не бараат третман и не се животозагрозувачки. Сето ова се случува околу 7. до 14. ден по примената вакцина.

  • Температурата се третира со антипиретик ако е над 38,5 степени. На детето му се нуди повеќе течност, се лади и се тушира. Примањето ММР-вакцина е многу побезбедно од самата инфекција со овие вируси. Вакцините се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести спасувајќи милиони детски животи секоја година. Со редовната имунизација децата развиваат долгорочна заштита за да имаат здрав и квалитетен живот, без последици од детството поминато во борба против болести кои можат да се спречат. Колективен имунитет за мали сипаници се создава кога мнозинството – околу 95 % од заедницата – е вакцинирано. Благодарение на колективниот имунитет ги штитиме и оние кои не можат да се вакцинираат (имунокомпромитираните, болните од малигни заболувања, бремените жени...) – вели д-р Ана Урумова Демјански и порачува: „Вакцините се жртви на сопствениот успех затоа што поради нивната ефикасност ние не ги гледаме болестите од кои нѐ штитат.“

 

 

Зошто се важни редовните систематски прегледи кај децата од најмала возраст?

Една од клучните обврски што ги имаме како родители е да се погрижиме децата да имаат правилен раст и развој пред да тргнат на училиште.

Зошто кај бебињата се јавува воспаление на кожата покриена со пелени?

Воспаление на кожата со црвенило во пределот покриен со пелени се јавува речиси кај секое бебе, дури и при најдобра хигиена и нега.

Ротавакцина: безбедна заштита за вашето бебе од сериозни стомачни инфекции

Во некои случаи, особено кај многу мали деца, ротавирусната инфекција може да доведе до потреба од болничко лекување поради сериозна дехидрација.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!