Гастроезофагеалниот рефлукс (ГЕР) е честа појава кај децата, особено во најраната возраст. Се јавува кога содржината од желудникот се враќа назад во хранопроводот. Кај повеќето деца ова е минлива и безопасна состојба, но во одредени случаи може да предизвика непријатности и здравствени проблеми кои бараат внимание и третман. Зошто се јавува и кога треба да побарате лекарска помош за „Мама не си сама“ објаснува д-р Беса Поцеста, специјалист педијатар неонатолог во ЈЗУ Гинеколошко-акушерска болница „Мајка Тереза“ Чаир.
Гастроезофагеалниот рефлукс (ГЕР) кај бебињата се јавува како последица на недозреаноста на мускулот кој се вика езофагеален сфинктер, кој се наоѓа помеѓу хранопроводот и желудникот и кој има функција да ја задржи храната во желудникот. Пренесувањето на храната од желудникот во хранопроводот може да се одвива физиолошки, без придружни симптоми. Бебето може да плука, да блуцка и да повраќа мали количини на храна, но и натаму да изгледа мирно, среќно, здраво и да добие тежина. Во такви случаи нема потреба од вознемирување. ГЕР најчесто настанува околу 2-3 недели по раѓањето, најизразен е помеѓу 4. и 5, месец од раѓањето, а повеќето бебиња го надраснуваат рефлуксот на возраст од 11 до 12 месеци – посочува педијатарот.
Кои се најчестите причини за ГЕР и кога да се обратите на педијатар?
Според д-р Поцеста, најчести причини за ГЕР може да се подолготрајната лежечка положба на бебето, неговата исхрана, која, главно, е течна, незрелиот дигестивен систем и примањето поголеми количини на млеко или на храна при алергија на протеините на кравјото млеко. Исто така, ова може да се јави и кај бебињата кои се прејадуваат или кои се лакоми, па голтаат воздух, но и кај оние кои се хиперактивни по оброкот и кои предизвикуваат враќање на храната.
Но, ако ГЕР продолжува и по првиот роденден на бебето, со изразена симптоматологија од типот на:
- повраќање, плукање во млаз или плукање по секој оброк,
- одбивање јадење или цицање,
- давење или задушување при хранење или проблеми со голтањето,
- лошо расположение проследено со болен плач,
- виткање во лак-позиција,
- често будење во текот на ноќта,
- губење тежина или бавно зголемување на телесната тежина,
Докторката советува да се обратите кај вашиот педијатар и да продолжите со доење затоа што мајчиното млеко полесно се вари од која било формула, а од докторот ќе добиете совети колку време треба да го држите бебето исправно и како да го наместите во полулегната позиција.
Ако вашето бебе има неколку од горенаведените симптоми, најважно е редовното следење од педијатарот, кој по деталниот преглед ќе ве упати на натамошни испитувања за дијагностицирање на ГЕР – посочува педијатарот Поцеста.

Како се поставува дијагнозата?
Во повеќето случаи дијагнозата се поставува врз основа на:
- разговор со родителите,
- опис на симптомите,
- следење на растот и развојот на детето
- ополнителни испитувања се потребни само ако симптомите се тешки, долготрајни или ако не реагираат на основните мерки.
Третман и како да му олесните на бебето
Како немедикаментозни мерки се препорачуваат:
- помали и почести оброци,
- подигната положба по хранењето,
- избегнување лежење веднаш по хранењето,
- приспособување на исхраната кај поголемите деца.
Медикаментозен третман се применува само со препорака на лекар и се користи кај деца со изразени симптоми или компликации.
Кај најголем број од децата гастроезофагеалниот рефлукс е привремена состојба која поминува со растот и развојот. Со соодветен пристап и следење, децата имаат одлична прогноза и нормален квалитет на живот.