Воспаление на слепото црево кај децата – што треба да знаете?

Слепото црево е мал црволик израсток на дебелото црево, чија функција сè уште не е целосно разјаснета. Иако може да изгледа неважно, акутното воспаление на слепото црево бара итен третман, најчесто хируршко отстранување. За оваа многу честа ургентна состојба во детската возраст „Мама не си сама“ разговараше со асс. д-р Биљана Андоновска-Доковска од ЈЗУ Универзитетска клиника за детска хирургија.

Акутното воспаление на слепото црево или акутниот апендицитис е најчестата итна хируршка состојба во детската возраст, а хируршкото отстранување на слепото црево или апендектомијата е најчесто изведуваната итна хируршка интервенција во светот. Инциденцијата е највисока кај децата од 6 до 10-годишна возраст, а почесто се јавува кај машките во однос на женските деца во сооднос 3 : 2. Апендиксот или слепото црево е црволико продолжение од дебелото црево, кое стои како приврзок на почетниот дел од дебелото црево наречен цекум, а хистолошки претставува лимфен орган, односно субмукозата на апендиксот содржи множество од лимфоидни фоликули. Луменот на апендиксот е тесен и лесно може да се опструира, најчесто од фекална материја (фекалом/копролит), лимфоидна хипертрофија или поради мукозен едем. Други причини за опструкција вклучуваат присуство на паразити, туѓи тела, тумори. Акутната инфламација започнува во внатрешниот ѕид, а прогредира кон надворешниот ѕид на цревото и резултира со зголемување на интралуминалниот притисок, со зголемување на венската конгестија и со намалување на артериската перфузија, што, пак, води кон исхемична некроза, односно гангрена на апендиксот. Ако не се интервенира навремено, гангрената ќе доведе до перфорација на апендиксот, популарно наречено прснато слепо црево – предупредува докторката.

Како да ги препознаете симптомите?

Појавата на симптоми е варијабилна, вели д-р Андоновска-Доковска.

Типичната клиничка презентација започнува со тапа стомачна болка, која најчесто започнува околу папокот, а потоа станува поинтензивна, мигрира и се локализира во десната долна половина на абдоменот, каде што е и точката на максимална болка. Болката е постојана, без периоди на попуштање. Истовремено со болката, а често и како прв симптом, се јавува губење на апетитот, а потоа и гадење, кое може, но и не мора да е проследено со повраќање, најчесто во еден или во два наврати. Апендиксот може да има и варијабилна анатомска позиција во однос на цекумот, па така, ако е поставен зад цекумот, односно ретроцекално, може да предизвика болка во грбот и во слабината од десната страна; ако е поставен близу мочниот меур, може како симптом да има дизурични тегоби, односно болка при мокрење и нагони за често мокрење, но и дијареја кај пелвично поставен апендикс поради иритација на дебелото црево и сл. Поради болката, детето ќе биде настрана легнато во кревет, многу често и со свиткани колена, неактивно, со бледило на лицето, суви усни и со забрзано и потешко дишење, а може да има и специфичен тежок мирис од устата, честопати и умерено покачена телесна температура. Кога родителот ќе ги забележи овие симптоми кај детето, треба што поскоро да го одведе на преглед прво кај матичниот педијатар, а потоа и во најблиската хируршка установа. Важно е да се напомене дека пред прегледот на детето не смее да му се даваат аналгетици за да не се маскира клиничката слика, а најправилно е детето пред прегледот да е гладно и жедно, односно да не му се даваат храна и течности, советува д-р Андоновска-Доковска.

Како се поставува дијагноза?

По детално земената анамнеза од детето и од родителот, се пристапува кон физикален преглед, кој опфаќа инспекција на грлото, односно на тонзилофарингеалната регија, а потоа и инспекција и палпација на абдоменот, за „Мама не си сама“ објаснува д-р Андоновска-Доковска.

Прегледот започнува со проценка на општата состојба на детето, а се обрнува внимание и на тоа дали постои дистензија или подуеност на стомакот. Прегледот продолжува со палпација на абдоменот, што подразбира преглед со нежен притисок со прстите на предниот стомачен ѕид и секогаш започнува од спротивната страна на местото на болката. Прво се прави површинска палпација со цел утврдување на постоењето мускулен ригидитет на абдоменот, а потоа и длабока палпација со цел утврдување на местото на максимална болка. За време на прегледот вниманието на детето се одвлекува со разни потпрашања и со разговор, а притоа се внимава на гримасите што ги прави – дали ќе покаже знаци на болка со оттурнување на раката на докторот како одбранбена реакција и слично. За целосен развој на клиничката слика до поставувањето на дијагнозата за воспаление на слепото црево треба да помине време, и тоа вообичаено 12 до 18 часа од појавата на првиот симптом. Затоа честопати хирургот препорачува последователни контролни прегледи на кратки интервали заради следење на состојбата. Прегледот кај малите деца кои не зборуваат е отежнат и бара поголема внимателност, па честопати се хоспитализираат со цел следење на состојбата и повторен преглед кога ќе заспијат. Доколку при прегледот детето се разбуди и плаче, тогаш е јасно дека се работи за акутна хируршка состојба. По физикалниот преглед на детето му се зема венска крв за лабораториски анализи, кои не се специфични кога се работи за акутен апендицитис, така што зголемените вредности на леукоцитите и на CRP не значат секогаш воспаление на слепото црево, а истовремено нормалните вредности не исклучуваат воспаление на слепото црево. Дијагнозата се поставува со детално земена анамнеза и со клинички преглед, а понекогаш клиничкиот преглед може да се поткрепи и со ултрасонографски (ЕХО) преглед на абдоменот. При нејасни случаи може да се направи и КТ (компјутеризирана томографија) на абдоменот. Поставувањето прецизна дијагноза на акутен апендицитис, особено во детската возраст, врз база на физикален преглед бара искуство од хирургот, со оглед на фактот дека стапката на поставување погрешна дијагноза е 28 – 57 % за деца на 12-годишна возраст или помали, па сѐ до 100 % кај децата помали од 2 години. Причини за грешки во поставувањето на дијагнозата се, пред сѐ, варијабилната анатомска локализација на апендиксот, атипичната клиничка слика и отежнатиот физикален преглед кај децата кои сѐ уште не зборуваат и кај претшколските деца, посочува д-р Андоновска-Доковска.

Операција на слепото црево

По поставувањето на дијагнозата за акутен апендицитис, детето се прима во болница и се поставува итна индикација за оперативен третман, односно експлорација и хируршко отстранување на слепото црево или апендектомија, секако по соодветната предоперативна подготовка, иницијалната ресусцитација со интравенски течности и анестезиолошкиот преглед, вели докторката.

Постоперативно се ординира интравенски антибиотик со широк спектар или комбинација на два или на повеќе антибиотици, во зависност од интраоперативниот наод за некомплициран или за комплициран апендицитис. Оперативниот пристап и хируршкиот третман може да бидат класични, со кос рез или лапароскопски. И двете методи имаат свои предности и недостатоци, па одлуката која хируршка метода ќе се користи ја носи хирургот, имајќи ја предвид, пред сѐ, безбедноста за пациентот, а по претходно добиена информирана согласност од родителот/старателот. Периодот на престој во болница, постоперативниот третман и постоперативното следење се индивидуални за секој пациент и во договор со ординирачкиот хирург, потенцира асс. д-р Биљана Андоновска-Доковска од Клиниката за детска хирургија.

 

Со какви чувства се раѓаат децата и како да ги контролираат емоциите?

Луѓето се раѓаат со четири основни чувства: радост, лутина, страв и тага. Потоа од нив произлегуваат другите чувства, меѓу кои се љубовта, изненаденоста, довербата, исчекувањето...

Фимоза кај децата: кога е нормално, а кога е време за лекар?

Кај секое машко дете со нормален развој на гениталиите постои препуциум, односно кожичка која целосно ја прекрива главата на пенисот.

Какви компликации можат да предизвикаат вирусните инфекции кај децата?

Голем дел од децата инфекциите ги поминуваат лесно, но кај некои тие можат да предизвикаат и посериозни компликации и децата да завршат во болница.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!