Важноста на тоа бебињата и децата да се движат и да поминуваат време надвор

Бебињата и децата имаат голема потреба од физичка активност, па времето поминато надвор е од суштинско значење за нивниот здрав и хармоничен развој. Физичката активност и надворешните активности им помагаат за подобар физички, психички, емоционален и когнитивен развој, но, пред сѐ, се важни за нивното здравје.

За тоа зошто децата уште од најрана возраст треба секој ден да поминуваат време надвор, за „Мама не си сама“ стручно мислење споделува м-р Дијана Мариновска, физиотерапевт во клиничката болница „Аџибадем систина“.

  • Престојот во природа е важен за возрасните, а уште поважен за бебињата и за децата затоа што е тоа период кога тие интензивно се развиваат физички, но и ментално. Последниве години се случува епидемија на рамни стапала, искривувања во грбот поради недоволно движење, недостиг од витамин Д (иако сме на подрачје каде што имаме многу сончеви денови), деца со пречки во развојот поради недоволно стимули или поради премногу екранизација и родители кои се изморени и недоволно свесни дека бебето/детето треба да биде надвор, да се социјализира и да игра. Неструктуираната, односно слободната игра во најголемата сензорна игротека, односно надворешната средина е клучна за добар физички и ментален развој на децата – вели физиотерапевтот Мариновска.
     

Децата треба да бидат надвор и кога е студено или топло и кога врне или дува ветер

Временските услови не треба да се причина бебињата и децата да не се изнесат надвор или да не се шетаат во природа, категорична е Мариновска.

  • Често се чудиме на системот во Шведска, според кој децата се оставани во колички да спијат надвор на минусни температури, но ќе се изненадите кога ќе разберете колку многу придобивки има таквиот потег. Ако едно бебе или дете е соодветно облечено, престојот на студено ќе придонесе да спие подолго и подлабоко, да има подобар апетит, помалку да се разболува и да биде поактивно кога е будно. Звуците однадвор познати како white noise, кои често ги користиме за децата да ни спијат подобро, придонесуваат за тие да бидат порелаксирани воопшто. На ова ќе се надоврземе и со тоа дека ако едно дете е соодветно облечено додека врне, ќе има фантастична сензорна придобивка со различни звуци, мириси, тактилни предизвици, подобрување на физичките умешности и ќе развие концепт на истражување (ако направам вака, што ќе се случи; ако скокнам во поголемо вирче, колку вода ќе прсне...), со што се подобруваат самостојноста и креативноста. Топлото пријатно време треба да се искористи за бебињата и децата да имаат колку што е можно повеќе активности како што се трчањето (брканиците), одењето по нерамен терен (камења, трева, искачување планина), качувањето по дрво, висењето на шипките за тресење теписи. Ова се активности кои не се структуирани и кои кај децата не го развиваат само телото, туку и мозочето. При таквите активности бебето размислува како да се снајде само да се искачи до некаде, а да не падне; да избега, а да не го фатат; како да биде побрзо и поитро; ако падне, ќе бара начини како следниот пат да не падне или како да се заштити кога ќе падне. Така се зајакнуваат мускулите, како и нервните патишта и одговори, а заедно создаваат деца кои не се плашливи и кои имаат самодоверба, но и вештини како самостојно да се справат со различни ситуации или тешкотии. Мозочето на бебињата во првата година се развива најинтензивно и најмногу преку движење. Докажано е со повеќе истражувања дека децата кои се движат имаат подобар имунитет, подобро физичко здравје, подобар сон и подобра концентрација; дека подобро учат, дека се помалку склони кон депресии и нервни изливи и дека имаат поголема самодоверба и подобри социјални вештини, објаснува физиотерапевтот.

 

Бебињата треба да бидат надвор и до три часа – тоа е подеднакво важно како и гушкањето

Според физиотерапевтот Мариновска, децата треба да се гушкаат и да се чуваат, да спијат и да мируваат, а тоа да е во добар баланс со движењето и со осамостојувањето.

  • За секое бебе кое плаче најдобро и најбрзо решение е ако мајката го гушне. За да се развива и за да расте, важно е добро и доволно да спие. На децата треба да им е досадно за да развијат фантазија. Бебињата и децата треба да се чуваат и да се внимава на нив, но не и да се презаштитуваат. Подеднакво важни колку и гореспоменатото, а многу потценети се и движењето и престојот надвор. Презаштитувањето на децата во денешно време доведе до тоа децата да поминуваат од 7 до 10 минути во денот надвор, а препораките се најмалку еден час. Доколку бебето е на возраст од 0 до 2 години, и до три часа, советува физиотерапевтот.

 

Стилови на родителство

Родителството е комплицирана и многу благородна улога, а во исто време одговорна и пожртвувана.

На која возраст детето треба да се одвикне од пелени?

Статистички се смета дека децата стануваат зрели и способни да ги контролираат своите физиолошки потреби меѓу 18 и 24 месеци.

Дали е неопходен трет крајник кај децата?

Кога детскиот организам, поради слабиот имунитет, не е во состојба да ги совлада микроорганизмите (вирусите и бактериите), доаѓа до воспаление на третиот крајник.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!