Кај кои деца почесто се јавува воспаление на крајниците?
Групирањето на децата во затворени простории (училници, занимални, игротеки, клубови...) влијаат врз зголемувањето на отпорноста на вируси и на бактерии
Респираторниот синцицијален вирус е чест и потенцијално сериозен вирус кај доенчињата и малите деца во текот на зимските месеци. Иако најчесто поминува како блага инфекција со симптоми сични на настинка, кај најмалите и најранливите може да доведе до тешки респираторни проблеми. За каков вирус станува збор, кои се симптомите, како се пренесува, како се лекува и кои се ризиците, но и за можностите за превенција „Мама не си сама“ разговараше со д-р Сања Ристовска, специјалист педијатар на Одделот за неонатална интензивна нега и терапија при УК за гинекологија и акушерство Скопје.
- Респираторниот синцицијален вирус (Respiratory Syncytial Virus-RSV) е РНК-вирус кој е специфичен и патоген за луѓето и кој ги инфицира клетките по должината нa респираторниот тракт (дишните патишта), од носот до белите дробови. RSV предизвикува широк спектар на акутни респираторни заболувања – од благи инфекции на горните дишни патишта до тешки инфекции на долниот респираторен тракт. Доенчињата, особено оние под шест месеци, се изложени на најголем ризик од тешка RSV-инфекција. Секоја година во светот околу 3,6 милиони деца се хоспитализираат поради RSV-инфекција, а околу 100.000 завршуваат летално. Приближно половина од смртните случаи од RSV кај децата се јавуваат кај доенчиња под 6 месеци. Во повеќето земји RSV-инфекциите покажуваат сезонска природа и најчесто траат неколку месеци. На северната хемисфера, вклучително и во Македонија, RSV-епидемиите се јавуваат од крајот на октомври и траат до април / мај, посочува докторката.
Како се пренесува и кои деца се под поголем ризик од RSV
Педијатарот Ристовска објаснува дека RSV се пренесува преку воздух од заразено лице на друго лице, но може и преку контаминирани предмети со вирусот. Вирусот може да живее со часови на тврди предмети како што се работните површини, оградите од креветчињата и играчките. Инфицираното лице е најзаразно во текот на првата недела или приближно уште толку по инфекцијата. До двегодишна возраст речиси сите деца барем еднаш прележуваат RSV-инфекција. Прележаната RSV-инфекција не создава траен имунитет и можни се реинфекции со вирусот во текот на животот.
- Најризични групи за RSV-инфекција се доенчињата под 6 месеци, прематурните новороденчиња/доенчиња, имунокомпромитираните доенчиња, како и децата со хронични белодробни или срцеви заболувања, со невромускулни нарушувања и со цистична фиброза и доенчињата изложени на чад од цигари, потенцира таа.

Кои се симптомите?
Според д-р Ристовска, првите симптоми на RSV-инфекцијата обично се јавуваат помеѓу 4. и 7. ден по контактот со вирусот.
- Најчесто овој тип на инфекции се манифестира како настинка, но може да се развие и потешка клиничка слика, како на пример воспаление на белите дробови (бронхиолитис, пневмонија), воспаление на средното уво, реинфекции со RSV. Првиот знак е обично иритирачка и сува кашлица проследена со болки во грлото, одбивање храна, вознемиреност, замор, со покачена температура. Понатаму се развива и отежнато и забрзано дишење, бронхоспазам, weezining и апнеја, објаснува педијатарот.
Како се дијагностицира?
Дијагнозата за RSV-инфекција се поставува врз основа на клиничката слика кај детето, особено во сезоната на RSV. Со физикален преглед може да се забележи забрзано и површно дишење, користење на помошната мускулатура, бледило, ослабен инспириум и продолжен експириум, покачена температура. Вирусот може да се докаже преку брис од грло и од нос, посочува д-р Ристовска.
Како се лекува RSV?
Педијатарот за „Мама не си сама“ објаснува дека не постои специфичен третман за RSV-инфекцијата и дека најчесто терапијата е симптоматска. За доенчињата и за децата со посериозна инфекција како бронхиолотис или пневмонија може да биде потребен третман во болница. Хоспитализираните деца, во зависност од тежината на RSV-инфекцијата, може да имаат потреба од кислород, интравенски течности и од механичка вентилација.
- Повеќето здрави доенчиња и деца целосно закрепнуваат во рок од неколку дена до две недели од почетокот на инфекцијата. Но по закрепнувањето од RSV-инфекцијата можно е да се развие преголема чувствителност на дишните патишта, која трае со месеци, а која се манифестира со отежнато дишење и со кашлање. Исто така, некои студии потврдуваат дека потешките форми на RSV-инфекциите го зголемуваат ризикот од астма во подоцнежното детство заедно со другите ризици, потенцира д-р Ристовска.
Како да се превенира RSV-инфекцијата кај доенчињата и малите деца?
Според докторката, со оглед на тоа дека RSV-инфекцијата може да доведе до сериозни компликации кај доенчињата, Светската здравствена организација препорачува сите земји да воведат имунизација за превенција од RSV-инфекцијата.
- Достапни се неколку производи за имунизација за да се спречи тешка RSV-болест кај доенчињата и малите деца. За заштита на доенчињата постои вакцина што им се дава на бремените жени во доцната бременост (во третиот триместар). Мајчината имунизација RSVpreF овозможува пренос на антитела против RSV преку плацентата на нероденото бебе, кое потоа е заштитено приближно 6 месеци по раѓањето.
Друг производ за имунизација на доенчињата е краткодејствувачкото моноклонално антитело (Pavilizumab) и долгодејствувачкото моноклонално антитело (Nirsevimab, Clesrovimab), кои го таргетираат респираторниот синцицијален вирус. Моноклонално антитело (Nirsevimab) се дава веднаш по раѓањето или пред почетокот на сезоната на RSV за да се обезбеди пасивен имунитет против RSV. Nirsevimab почнува да ги штити доенчињата од RSV во рок од една недела од администрацијата и трае најмалку 5 месеци, со што се опфаќа целата сезона на RSV. Препорачана e употреба на мајчина RSV-вакцина или на моноклонално антитело, но не и двете, за истиот пар мајка–бебе. Некои земји даваат моноклонални антитела и кај малите деца (до 24 месеци) со висок ризик од тешка RSV-инфекција, односно со хронична белодробна болест и вродена срцева мана, но и кај имунокомпромитираните деца кои влегуваат во втората сезона на RSV, објаснува специјалистот по педијатрија д-р Сања Ристовска и додава дека спроведувањето добри хигиенски мерки како што се редовното миење на рацете, бришењето на играчките, чистењето на површините, користењето марамчиња за еднократна употреба, избегнувањето контакт на доенчињата со настинати лица, изолацијата на пациентот, дезинфекцијата, но и носењето заштитни маски би можеле да го намалат ризикот од ширење на вирусот.
Групирањето на децата во затворени простории (училници, занимални, игротеки, клубови...) влијаат врз зголемувањето на отпорноста на вируси и на бактерии
Оваа состојба најчесто се јавува во зимските месеци или при температурни разлики и не треба да се игнорира честото и долготрајно течење на носот кај детето.
Кандидијазата кај децата, предизвикана од габата кандида, не е секогаш опасна, но може да биде непријатна и да бара третман, особено ако се јави кај бебиња и кај деца со ослабен имунитет.