Морбили (мали сипаници) кај децата

Морбилите се една од најзаразните болести во светот. Дури 9 од 10 блиски контакти на заразениот кои не се имуни можат да се заразат. Ова заразно заболување е предизвикано од вирусот на морбили, РНК-вирус, од фамилијата на Paramyxovirus.

За тоа кои деца се под поголем ризик, кои се симптомите, какви компликации може да предизвика вирусот и кога треба децата да се вакцинираат „Мама не си сама“ побара одговори од педијатарот д-р Светлана Смугреска.

Малите сипаници се пренесуваат со кашлање, кивање и со директен контакт со секрет од носот или од грлото на веќе заболениот. Вирусот останува активен во воздухот или на заразените површини и до 2 часа.  Инкубацискиот период за појава на симптомите на морбили трае 10-14 дена по контактот со заболениот. Болните од морбили се заразни околу четири дена пред појавата на симптомите и четири дена по појавата на првите симптоми, објаснува д-р Смугреска.

Симптоми за појава на морбили се: висока температура до 40 и над 40 степени, треска, главоболка, кашлање, течење на носот и осип кој најчесто започнува на лицето и се шири по целото тело. Симптомите на болеста траат околу 7-10 дена. Дијагнозата на болеста се поставува врз основа на клиничката слика, но потребна е и лабораториска потврда. Лекувањето е симптоматско, пред сѐ заради ублажување на симптомите со антипиретици и со аналгетици, но потребно е да се пијат повеќе течности и повеќе да се одмора. Целосно повлекување на болеста настапува по 2 до 3 недели од појавата на симптомите, вели докторката.

Какви компликации можат да предизвикаат морбилите?

Компликациите можат да бидат од лесни (дијареја) до потешки (бронхитис, пневмонија, воспаление на средното уво и губење на слухот, воспаление на очите (конјунктивитис), а во потешки случаи може да дојде до оштетување на рожницата и губење на видот, посочува д-р Смугреска.

Ризични групи се новородените и децата до 12 месеци, бремените жени кои не се вакцинирани, неимунизираните или нецелосно имунизираните деца и возрасните. Најдобра превенција е вакцинацијата со МРП-вакцината против морбили, рубеола и заушки за децата штом навршат 12 месеци, а втората доза (ревакцина) се дава на 6 години, објаснува педијатарот.

Последен пат епидемија на морбили во Македонија имавме во 2019 година со околу 1800 случаи, при што починаа 4 деца поради компликации предизвикани од вирусот. Во меѓувреме се регистрираа поединечни случаи поради миграција, патување на населението во земји или региони каде што имало епидемии на мали сипаници. Притоа заболуваа невакцинирани деца, кои беа закана да се прошири заразата во епидемиски размери и кај нас поради намалениот опфат на вакцинацијата со МРП, кој изнесува 73,4 отсто и кој е далеку од посакуваните 95 проценти за колективен имунитет, со кој се превенира епидемија.

Совети од педијатар: што да направите за детето побргу да се приспособи во градинка?

Пред тргнувањето во градинка детето треба да има приближно ист ритам на спиење како тој во градинка, а истиот совет важи и за усогласувањето на ритамот на оброците во домот и на тие во градинка.

Зошто многу деца се заразуваат со коксаки-вирусот?

Коксаки-вирусот е чест вирус од групата ентеровируси, кој најчесто ги погодува децата до 10-годишна возраст, особено во летниот и во есенскиот период.

Салмонела кај децата: како да ја препознаете и како да го заштитите вашето дете

Салмонелата е бактерија која предизвикува инфекција на цревата позната како салмонелоза, која често се дијагностицира кај децата, особено во топлите месеци.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!