Кога најмногу растат децата?

Едно од најчестите прашања што си го поставуваат родителите е дали нивното дете расте и се развива нормално во согласност со својата возраст.

„Мама не си сама“ побара одговор од педијатарот д-р Светлана Смугреска.

- Децата во периодот на доенечката возраст имаат најголем скок во тежината и во висината, па така тие од раѓање до крајот на првата година тројно ја зголемуваат телесната тежина, а родилната висина се зголемува за 25 цм во првата година. Тоа е екстензивен раст, кој потоа се повторува во пубертетот. Кај малото дете растот е 2 цм, а тежината е од 2 до 4 кг годишно. Болестите како на пример marasmus (тешка неухранетост) и kwashiorkor (неухранетост со протеини) веќе не се сретнуваат толку често колку што биле застапени порано на нашите простори. Но, 21 век е веќе век на обезитет (дебелина). Имаме сѐ повеќе деца со зголемена телесна тежина. Кај тие деца имаме зголемено масно ткиво (PMT), редуцирано и неправилно распоредено мускулно ткиво (OMG), зголемени вредности на триглицеридите и на холестеролот и пад на серумското железо, објаснува д-р Смугреска и посочува дека најчести причини за тоа се социоекономскиот стандард на семејството, хигиенодиететскиот режим со сѐ почесто застапената брза храна (fast food) и слабата подвижност на децата поради претераното користење компјутери и телефони. Исто така, родителите се на работа повеќе од 8 часа, во меѓувреме детето останува незгрижено, а времето за приготвување храна е ограничено, вели педијатарот.

Децата вторпат забрзано растат и се развиваат во пубертетот

Според д-р Смугреска, вториот брз раст започнува во пубертетот, кога тежината рапидно се зголемува под дејство на хормонот за раст и кога се добива на мускулна маса и на поткожно масно ткиво.

  • Ако детето остане физички неактивно и ако е хранењето неправилно, настанува обезитетна состојба, односно станува дебело. Од друга страна, анорексијата се јавува од психолошко-менталната состојба на детето. Детето со анорексија има намалување на својата мускулна маса, поткожно масно ткиво и намалување на растот и развојот. Растот и развојот на детето се мерат со перцентилна крива според возраста, тежината и висината и се споредуваат со стандардните вредности. Отстапувањето се мери во сигми: ако е во позитива, припаѓа во обезитет (дебелина), а ако е во негатива, оди во намалување на растот и развојот според целната група, односно неговите врсници, потенцира докторката.

Матичните педијатри треба да го следат растот и развојот на детето

Потребно е матичниот педијатар при рутински преглед да врши мерење, со што ќе го утврди правилниот раст и развој на детето, посочува д-р Смугреска.

Задолжително да се пополнува кривата на раст и развој и да се бележи на кој дел од сигмата се наоѓа. Ако имаме под или над нормалната перцентилна крива, детето треба да се следи од педијатар ендокринолог, советува педијатарот д-р Смугреска.

Зошто малите деца не треба често да користат паметни телефони?

Паметните телефони, телевизијата и таблетите во овој период се пречка за развојот на детето.

Што треба да има во вашата патна аптека кога одите на летување со дете?

Одморот со дете може да биде прекрасно искуство ако сте добро подготвени. Со правилно спакувани лекови, консултација со стручно лице и со заштита од сонце ќе имате помалку грижи, а повеќе уживање

Како да препознаете дали вашето дете има инфекција на очите (конјунктивит)?

Конјунктивитот или розово око е воспаление на обвивката на окото (конјунктивата) што ја покрива внатрешноста на очните капаци и надворешниот дел на очното јаболко.

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!