Дијареја и повраќање кај децата – дали станува збор за гастроентероколит?

Гастроентероколитот е честа состојба кај децата и претставува воспаление на желудникот и на тенкото и дебелото црево. Најчесто се јавува кај доенчиња и кај мали деца, но може да се појави и кај сите возрасни групи. Иако во повеќето случаи поминува без сериозни последици, навременото препознавање и правилната грижа се важни за да се спречат компликации, особено дехидратација. За тоа на што треба да се обрне внимание и кога да се побара лекарска помош „Мама не си сама“ побара одговори од д-р Маргица Арсовска, специјалист педијатар во Општата болница во Куманово.

Според СЗО, дијaреја е евакуација на најмалку 3 водникави столици во период од 24 часа. Важна e конзистенцијата на столицата, а не нејзината фреквентност. Чести, a oформeни столици не се сметаат за дијареја. Бебињата кои се исклучиво на мајчино млеко често имаат кашеста столица, што, исто така, не е дијареја. Акутната дијареја е најчесто самоограничувачка и трае неколку денови, а под хронична се подразбира ако симптомите траат повеќе од 14 дена – вели педијатарот. 

Што е акутна инфективна дијареја?

Доктор Арсовска објаснува дека акутната инфективна дијареја е една од најчестите причини за смрт на доенчињата и малите деца во светот. Секоја година повеќе од 3 милиони деца помали од 5 години умираат како резултат на дехидратација, т.е. губење течности. Наjчесто и во потешка форма се јавува кај децата во првите 3 години (особено во периодот од 6- до 11-месечна возраст, кога се воведува немлечна исхрана и кога доенчето почнува да лази и да допира предмети, додека, пак, нивото на антитела од мајката е намалено). Најчесто се јавува во летниот период и на почеток на есента.

Дијарејата настанува како резулат на забрзаниот цревен транзит (забрзаната перисталтика), поради што е намалена ресорпцијата на вода во дебелото црево. Со чести водникави столици болното дете губи вода и електролити (натриум, хлор, калиум и бикарбонати). Најчеста клиничка форма е акутната дијареја, која трае од 7 до 14 дена, а која се манифестира со чести кашести или водникави столици без видливи траги на крв. Може да се јават и гадење, повраќање, стомачна болка и покачена телесна темпертура – посочува докторката.

Кои се причините?

Педијатарот Маргица Арсовска за „Мама не си сама“ вели дека најчести предизвикувачи на дијареја се вирусите (Norovirus – најчест причинител  во светот и во САД, Rotavirus, Enterovirus), бактериите (Е. Coli, Shigella, Salmonella, Yersinia, Campylobacter, Clostridium difficile) и протозоите (Entamoeba histolytica).

До појава на дијареја може да дојде и при труење со храна (поради загадување на храната со бактериски токсини), интолеранција/неподносливост на одреден вид храна (алергија на храна или интолеранција (неподносливост) на глутен или на лактоза), употреба на антибиотска терапија (која ја уништува нормалната бактериска флора), како и при екстраинтестинални инфекции (отитис медија, уринарни инфекции, сепси). Исто така, дијареја се јавува и во случаи на прекумерна употреба на лаксативни средства и на психички стрес – објаснува таа.

Како се пренесува?

Според докторката, инфективните агенси најчесто се пренесуваат преку: 

  • фекално-орален пат, што подразбира внесување/земање храна или вода која е загадена, или преку директен контакт (по пат на капки, загадени раце или предмети); 
  • несоодветно ракување со приборот за јадење, лоша лична хигиена, земање храна со немиени раце и користење заеднички прибор и играчки;
  • половично измиена и термички обработена храна, контаминирани храна и вода и нехигиенско отстранување фекалии.

 

Како да се третира?

Педијатарот посочува дека при третман на акутна дијареја важно е да се спречи развој на дехидратација (да се дава поголема количина на течности од вообичаената и електролитен орален раствор; да се внесува храна со помали, а почести оброци). Да не се прекинува со нормалниот режим на исхрана на детето за време и по престанувањето на дијарејата за да се спречат нутритивните нарушувања.

Треба да се даваат следниве видови течности: орален раствор за рехидрација, вода, сок од јаболко, оризова вода, супа, јогурт (на децата помали од 2 години 50-100 мл, на децата од 2 до 10 години 100-200 мл, а на децата постари од 10 години колку сакаат). Од храна се препорачува кај доенчињата да се продолжи со исхраната со мајчино млеко, како и со другата храна (ориз, компир, морков, немасно месо, банана, печено јаболко, кифла). Да се избегнува храна со висока содржина на шеќери. Храната треба да е добро варена и испасирана или сомлена за да е полесно сварлива. Треба да се нудат помали оброци на секои 3-4 часа – советува д-р Арсовска.

Кога треба да се побара лекарска помош?

Докторката потенцира дека доколку детето не се чувствува подобро, слабо јаде и внесува малку течности, доколку има изразена жед, сонливо е или има нарушена свест, осип, висока температура, голем број водникави столици и упорно повраќање, тогаш задолжително да се побара лекарска помош.

Кога имаме потреба од антибиотик?

Инфекциите најчесто се од вирусна етиологија, па затоа не бараат употреба на антимикробни лекови. Потребна е симптоматска терапија, давање пробиотик и орален раствор на рехидратација и правилен режим на исхрана, вели педијатарот и додава:

Кога станува збор за цревните бактериски инфекции, мора да се спроведе антимикробна терапија. Особено треба да се биде претпазлив кај дечињата под 3-годишна возраст, кои при цревна инфекција може да пројават и клинички и лабораториски знаци на можна бактериска дисеминација (висока температура и покачени индикатори за воспаление: CRP и леукоцитоза со гранулоцитоза), ситуации во кои се препорачува употреба и на антимикробна терапија.

Како да се превенира дијарејата?

Доктор Арсовска препорачува да се внесуваат доволно витамини и минерали, но и да се спроведуваат хигиенски мерки (почесто да се мијат рацете и да се дезинфицираат предметите и површините што се користат секој ден).

Пробиотиците може да се земаат и превентивно во сезоната на стомачни вируси, пред летните одмори, како адјувантанa терапија при вирози, користење антибиотик и кај деца со атoписка конституција и со намален имунитет. Пробиотиците помагаат за одржување добро здравје и за подобрување на имунолошките функции преку одржување на нормалната гастроинтестинална функција – советува педијатарот.

Што треба да знаете за вродените аномалии на бубрезите и на уринарниот тракт?

Пациентите со вродена мана на уринарниот тракт треба да се информирани за ризикот од уринарна инфекција и за важноста на профилаксата.

Летна храна, летен ризик – како да ги заштитите децата од труење?

Труењето со храна е чест здравствен проблем кај децата, особено во лето. Се појавува ненадејно и најчесто е проследено со повраќање, дијареја и со болки во стомакот

Мали играчки, парички, бонбони – кои страни тела најчесто ги вдишуваат децата?

Она што секој родител треба да го знае е како да му даде помош на сопственото дете додека не стигне до лекарска помош

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!