Што треба да знаете за мононуклеозата кај децата?

Инфективната мононуклеоза е акутна инфективна болест позната уште и како „моно“ или „болест на бакнежите“. Таа е инфективна болест која обично предизвикува треска, болки во грлото, замор и/или зголемени лимфни јазли на вратот. Најчесто се јавува кај децата, адолесцентите и кај младите возрасни.

Општо земено, моноуклеозата не се смета за сериозна болест. Сепак, може да биде причина за значителни отсуства од училиште кај децата или од работа кај возрасните, главно, поради чувството на голем замор, а во ретки слуачаи може да предизвика и тешка, животозагрозувачка болест, за „Мама не си сама објаснува м-р д-р Александра Андреевска, специјалист по семејна медицина.

Како се добива мононуклеоза?

Инфективната мононуклеоза е предизвикана од вирусот на Епштајн–Бар (EBV). ЕБВ може да се шири преку контакт со плунка од заразено лице, на пример, може да се добие преку бакнување, споделување прибор за јадење или пиење од иста чаша со некој кој е веќе заразен со вирусот, посочува докторката.

  • Многу луѓе се изложени на ЕБВ во одреден момент во текот на детството, иако можеби не се свесни за тоа во тој момент. Кај адолесцентите и кај младите возрасни лица кои не биле заразени како деца изложеноста често произлегува од контакт со плунка на друго заразено лице. Откако лицето ќе биде изложено, вирусот останува во неговото тело до крајот на животот. Оваа состојба е позната како вирус на латентност, што значи дека инфекцијата е неактивна или притаена и не предизвикува симптоми. Луѓето ја пренесуваат инфекцијата на други лица без да го сфатат тоа, со наизменично исфрлање на вирусот преку плунката. Покрај тоа, постои можност вирусот да се шири и преку други телесни течности, на пример спермата или вагиналниот секрет, вели д-р Андреевска.

 

Кои се симптомите?

Според специјалистот по семејна медицина, повеќето мали деца инфицирани со вирусот Епштајн–Бар (ЕБВ) не развиваат симптоми. Спротивно на тоа, луѓето кои првпат биле изложени на ЕБВ како адолесценти или како возрасни имаат поголема веројатност да развијат симптоматска слика на инфекција поради развиеноста на нивниот имунолошки систем, кој реагира на вирусот кај постарите возрасни групи.

  • Обично се потребни 4 – 8 недели по првичното заразување со вирусот за да се појават првите симптоми (болки во телото, главоболка и слаба треска со лесно покачена температура).
  • симптоми на мононуклеозата се: треска (температура поголема од 38 °C), болки во грлото, зголемени лимфни јазли на вратот (понекогаш и на други места по телото) и замор кој може да биде тежок и понекогаш може да трае и подолго од еден месец. Некои луѓе ги имаат сите овие симптоми, додека, пак, други имаат само еден или два, пример болки во грлото или треска и зголемени лимфни јазли. Малите деца и постарите возрасни лица може да имаат само треска и болки во мускулите, посочува д-р Андреевска и додава дека мононуклеозата може да предизвика и зголемување на слезината (слезината е орган во левиот горен абдомен, веднаш под дијафрагмата). Се зголемува кај околу половина од болните со мононуклеоза. Поради зголемување на слезината, лекарите препорачуваат да се избегнуваат контактни спортови или кревање тежок товар неколку недели. Овој совет е насочен кон тоа да се спречи ретката компликација на појава на руптура на слезината, која предизвикува хеморагија, што обично се јавува по траума, но може, иако поретко, да се случи и спонтано. Симптомите на руптура вклучуваат ненадејна, остра болка во абдоменот, особено на левата страна. Понекогаш болката се шири во левото рамо ипсилатерално. Ова се должи на т.н. пренесена болка од крвта што ја иритира дијафрагмата од левата страна. Руптурата на слезината е потенцијално животозагрозувачка компликација, која бара итен медицинско-хируршки, односно оперативен третман. Затоа, секоја силна абдоминална болка кај пациент со потврдена мононуклеоза е итен случај што бара итна евалуација, предупредува докторката.

 

Како се дијагностицира мононуклеоза?

Сомневањето за мононуклеоза се заснова на симптомите на лицето и наодот од физикалниот преглед. Се прават и тестови на крвта за да се потврди дијагнозата. Сепак, најчесто користениот тест (преку крвта) за дијагноза во светот, познат уште и како моноспот-тест, може да биде лажно негативен во текот на првите недели од појавата на симптомите. Лекарот е тој што треба да назначи тестови и за други инфекции со слични симптоми, особено кога првичното тестирање е негативно, за „Мама не си сама“ вели  д-р Андреевска.

Како се лекува „болеста на бакнежите“?

Целта на третманот за мононуклеоза е да се ублажат симптомите додека имунолошкиот систем на домаќинот се бори со вирусот. Антибиотиците (кои се користат за лекување бактериски инфекции), во принцип, не се корисни бидејќи причинителот е вирус. Не се познати антивирусни лекови кои ефикасно го третираат или го лекуваат вирусот на Епштајн–Бар, потенцира д-р Александра Андреевска и посочува како се третираат симптомите на мононуклеоза.

  • Болка и треска – болките во грлото и во мускулите и треската може да се третираат со лекови без рецепт (ОТЦ-препарати), како што се ацетаминофенот (Pаracetamol) или ибупрофенот (на пример, Blockmax…). Црниот дроб е органот кој го разградува и го метаболизира ацетаминофенот. Поради тоа е важно внимателно да се следат упатствата за правилно дозирање, со цел безбедно да се зема овој лек. Ацетаминофенот и ибупрофенот, исто така, се препорачуваат за употреба и кај деца. Иако внимателно, треба да се применуваат во вистинската доза, односно детето да не е субдозирано. „Аспиринот“ не е лек од избор и не треба да им се дава на мали деца со мононуклеоза поради можни компликации на црниот дроб и поради зголемен ризик од крвавење.
  • Одмор – мононуклеозата може да предизвика тежок замор, иако повеќето луѓе заздравуваат во рок од две до четири недели. За некои значителниот замор трае со недели, па и со месеци. Соодветниот одмор е најважен на почетокот на инфекцијата, но тоа во никој случај не значи целосна имобилизација во постела, која е непотребна.
  • Исхрана — чувството на гадење (наузеа) често предизвикува губење на апетитот. Ова е нормално и обично се подобрува со повлекувањето и со смирувањето на инфекцијата. Дури и ако пациентите немаат апетит, неопходно е да се советуваат да пијат соодветна количина течности. Ова е особено точно ако се препишува ибупрофен за болка или за треска, бидејќи ибупрофенот како НСАИЛ може негативно да влијае врз функцијата на бубрезите, особено ако возрасните, па и децата се дехидрирани. Индиректен показател за тоа дека пациентите пијат доволно течности е доколку урината им е со бледожолта боја (доволно разредена), советува специјалистот по семејна медицина.

 

Кога можат пациентите да се вратат на работа или во училиште, градинка?

Според д-р Андреевска, луѓето со мононуклеоза кои развиваат спленомегалија се изложени на зголемен ризик од руптура на слезината сѐ додека таа не се врати во нормалната големина. Ова може да потрае неколку недели или подолго. Иако децата и пациентите можат да се вратат на училиште и на работа кога ќе се чувствуваат подобро, важно е да избегнуваат активности кои можат да резултираат со повреда на слезината.

  • Експертите, генерално, препорачуваат спортистите да не учествуваат во т.н. контактни спортови или хиперенергични спортски активности, барем во првите три до четири недели од болеста. Единствено лекарот е оној кој е овластен да утврди кога е безбедно пациентите да се повторно изложени на напорни физички активности. Секое повторно започнување спортски активности се препорачува да оди полека, а активноста да се зголемува постепено. Дури и високообучените и врвни спортисти може да не се чувствуваат во најдобра форма, како пред болеста, по прележана мононуклеоза, потенцира докторката.

 

Кога може да се очекува пациентите да се чувствуваат подобро?

Повеќето луѓе кои страдаат од инфективна мононуклеоза закрепнуваат целосно, без долгорочни последици. Симптомите обично почнуваат да се подобруваат во рок од една до две недели, објаснува д-р Александра Андреевска и советува:

  • Инфективната мононуклеоза може да биде исцрпувачка, но најчесто не е опасна. Важно е да ја препознаете навреме, да се консултирате со лекар и да му дадете на детето време и простор за закрепнување. Со доволно одмор, течности и нега најголем број од децата заздравуваат целосно и без последици.

 

Салмонела кај децата: како да ја препознаете и како да го заштитите вашето дете

Салмонелата е бактерија која предизвикува инфекција на цревата позната како салмонелоза, која често се дијагностицира кај децата, особено во топлите месеци.

Колку вирусни инфекции во текот на годината е нормално да прележат децата?

Од сите причинители најчести се вирусните инфекции, кои предизвикуваат 80-90 % од инфекциите во детската возраст.

Совети од педијатар за варичела во детската возраст

Варичела, позната кај народот и како овчи сипаници, претставува болест која е предизвикана од вирусот варичела зостер (херпес-вируси).

Мама знаеш дека не си сама, контактирај не!